
Сообраќајниот трауматизам е чума на денешнината, смета професор д-р Виктор Камиловски, хирург-трауматолог од Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје.
Возењето мотоцикли и скутери е многу модерно, но и многу опасно. Според некоја статистика, дневно има по пет скрешници од незгоди со мотори во оваа скопска клиника.
– Мотоциклистите се посебна категорија пациенти. Тие се најчести пациенти на Клиниката во период од март до октомври. Дури имаме и смртни случаи во овој период. Ние како доктори, професионалци ќе направиме сѐ за да спасиме човечки живот. Превенцијата е многу важна. Во овој период е активна и кампањата за безбедност во сообраќајот, при што акцентот е ставен на подигнување на совеста за безбедност во сообраќајот. Сообраќајниот трауматизам е чума на денешницата. Ако некогаш се умирало од маларија, денес данокот на смртта го плаќаат сообраќајните несреќи. Пред триесетина година смртноста од траума беше на 10-12. место, а денес таа е меѓу трите најчести причини за смрт, веднаш зад кардиоваскуларните и малигните заболувања. Според официјални податоци, околу три илјади човечки животи згаснуваат во едно деноноќие како резултат на сообраќајни несреќи во светот. На годишно ниво во САД, на пример, околу 150 илјади умираат во сообраќајни несреќи. Тоа е како секоја година да снемува по еден град од Земјината топка – изјави проф. д-р Камиловски за „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


