| четврток, 6 декември 2018 |

„Мобилноста на балканските писатели“ тема на трибината на „Про-За Балкан“

Festival Pro-Za Balkan

Литературата е создадена за комуникација меѓу писателите. Со контактите и запознавањето ние се огледуваме еден во друг, се проверуваме и имаме одговор на прашањата кои сме, што сме и зошто сме? Вака српскиот писател Владислав Бајац гледа на темата „Мобилноста и балканските писатели“ на трибината што беше организирана денеска во склоп на првиот фестивал на прозата „ПРО-ЗА Балкан“, што од вчера се одржува во организација на издавачот „Икона“.
Балканот секогаш го интересирал како тема и не ја прифаќа едностраната слика кога овој географски простор се прикажува од лоша, црна страна.

– Талентот на писателот се мери по тоа колку локалното може да произведе универзално, рече добитникот на „Балканика“ за романот „Амамот Балканија“.

Со дигитализацијата и интернетот, книжевноста денес ги преминува географските граници, но јазичната бариера останува проблем. Во недостиг на системски пристап и стратегија, пробивот на автори и дела во друга јазична средина зависи од лични контакти и иницијативи. Таков е случајот со македонската литература во Словенија која, како што рече писателот Андреј Блатник, станала попозната со преводите на Лидија Димковска од македонски на словенечки. Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, пак, рече дека во неговата земја бугарската литература била сосема неприсутна и непреведена, а станала препознатлива откако, по приватна иницијатива (на младата преведувачка од бугарски Ксенија Бановиќ), биле преведени и сериозно примени книгите на Алек Попов и Георги Господинов. Авторите чии дела се преведени на англиски велат дека дури тогаш, со посредство на англискиот, се преведени и на соседните јазици.

Писателите од шест балкански држави се согласија дека соседите не треба да се гледаат како непријатели, туку како инспирација. Бугарскиот писател Алек Попов, автор на хитот „Мисија Лондон“ по кој беше снимен и истоимениот филм, смета дека  балканските општества се затворени иако се културно блиски. Балканизацијата, рече тој, доби значење на расцепканост.  Писателите се затворени во својата локалност, што ја стеснува гледната точка. Контактите се тие што ја шират територијата и носат поголема публика.
Критички настапи и црногорскиот писател Андреј Николаидис, познат по своите политички гледишта и остри коментари. Рече дека  во Црна Гора има тенденција да се затвора зашто отвореноста и комуникацијата значи дека привилегираната елита, безбедна во својата затвореност, ќе биде ставена на проверка и превреднување во поширока конкуренција.
– Интелектуалната и политичката елита е заинтересирана комуникацијата да функционира токму вака, преку ретки луѓе, преведувачи, тоа просто да биде инцидентно. Всушност интересот, а тоа посебно важи за Црна Гора, е да се затвори и да постави еден вид вредносен систем во кој елитата и натаму ќе биде елита, рече Николаидис.
Според македонскиот автор Ермис Лафaзановски,  за да биде национална книжевноста кај нас треба да се спомнува Македонија или темата да се однесува на Македонија. – Тоа е затоа што сме во перманентна криза на идентитетот, рече Лафазановски. Тој тоа го искусил со својот „Харпешко“ кој, како што рече, има аморфен идентитет, а како пример го спомна и Гоце Смилевски кому му забележувале зашто пишувал за  Спиноза и Фројд.

На трибината стана збор и за преведувањето. Елизабета Шелева, која беше и модератор на собирот, рече дека преводот никогаш не може да биде еквивалент на оригиналот зашто не може да се долови истиот сензибилитет. Александар Пропипиев и Оливера Ќорвезироска ги кажаа своите превдувачки искуства – како можност да се научи нешто ново во писателскиот занает и како дејност која толку окупира, што влијае и кога преведувачот твори свое дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top