Со најпофални зборови за подготвеноста и за професионалноста на војниците на АРМ, командантот на националната гарда на Вермонт, Стивен Креј, во ексклузивното интервју за „Република“ зборува за партнерството и за успешните заеднички мисии со американските војници во Авганистан, но и за новите предизвици и планови за соработка. Генерал-мајор Креј за време на неколкудневната посета на Македонија со раководството на армијата размени искуства од научените лекции во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и од ООН, но и разговараше за учеството на АРМ во новата мисија на НАТО во Авганистан „Решителна поддршка“.
Генерале Креј, кој е Вашиот предизвик за развивање и одржување на цврстата врска со Армијата на Република Македонија?
КРЕЈ: Сметам дека најголемиот предизвик е да се вклопат сите заложби што би сакале да ги оствариме. Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт имаат многу да си понудат еден на друг. Имаме голема заедничка историја зад себе и заемен ангажман во преку 200 обуки на двете страни од Атлантикот. Постигнавме многу во нашето партнерство и треба да ја одржуваме неговата важност во постојано менување и соочување со нови предизвици.
Многу добро ги познавате македонските војници што учествуваа во мисиите во Ирак и во Авганистан. Како овие мисии ги илустрираат партнерството и капацитетите на АРМ?
КРЕЈ: Македонските војници имаат неверојатен нагон да бидат најдобри што можат и како командант на Националната гарда на Вермонт, не би можел да посакам подобар партнер. Нашето партнерство е многу силно и војниците на Вермонт и на Македонија се крајно способни, професионални и ја користат секоја можност да научат нешто еден од друг. Тие се вистински браќа и сестри по оружје. Македонските војници ги извршуваат своите должности професионално и се крајно способни и војниците од Вермонт учат од Македонците, а Македонците од војниците од Вермонт. Тоа е една од предностите на програмата… учиме едни од други и сме посветени кон совршенство и професионалност.
Како тесните врски меѓу членовите на АРМ и Националната гарда на Вермонт влијаат на иднината на односите меѓу Македонија и САД?
КРЕЈ: Врската што ја делат Македонија и Вермонт е единствена и ние не сме само браќа и сестри по оружје, туку сме и пријатели. Тоа пријателство ни значи многу по многубројни основи. Како што кажав претходно, ние сме посветени да го извлечеме најдоброто од двете страни и да ја продолжиме соработката што ја градиме повеќе од две декади. Посветеноста не само кон заедничките активности, туку и кон нашето пријателство, ми даваат верба дека Вермонт и Македонија ќе ја продолжат својата цврста врска и во иднина.
Има ли некои специфични моменти на кои се сеќавате или би сакале да ги нагласите од нашето заедничко распоредување во мисијата „Феникс“ во Авганистан и дали оваа мисија, исто така, беше можност за американските војници да научат нешто од своите македонски колеги?
КРЕЈ: Нашата заедничка мисија во Авганистан беше единствена по многу аспекти. Иако имавме многу години партнерско искуство зад себе, моравме да се приспособиме и да учиме едни од други во многу области. Како член на Воздухопловната национална гарда во тоа време, ја немав таа среќа да бидам со армијата во Авганистан. Знам дека имаше многу приказни откако се вратија нашите војници и дека тоа беше прекрасна можност за нашите браќа и сестри по оружје да работат заедно и да надминуваат многу проблеми заедно, но, исто така, и заеднички да ги споделуваат успесите. Од моето искуство во мисија знам дека не можеш да бидеш распореден во мисија без да научиш нешто од твоите партнери и верувам дека нашите гардисти успеаја да научат нешто од своите македонски соработници. Таков вид различност секому му дава предност, особено на тие што се наоѓаат во сериозна и опасна средина. Војниците треба да учат брзо да комуницираат и да работат заедно за да ги надминат јазичните и културните пречки. Јас знам дека ајварот беше омилен меѓу американските војници, заедно со другите македонски специјалитети таму каде што Македонците и Американците работеа заедно.

Повеќе од 60 македонски војници се наградени од страна на воените сили на САД за нивните херојски дела во мисиите предводени од НАТО. Од друга страна, добро е познато дека е многу тешко да се заработи ваква награда, особено кога се работи за трупи што не се американски. Што треба да направи еден војник за да добие ваква награда?
КРЕЈ: Имав среќа да доделам медали минатата година кога бев овде. Доделувањето признанија на трупите за нивната посветеност во мисијата, нивната професионалност и за нивната работа на терен е една од моите омилени должности како командант. Војникот треба да исполни многу работи, а за тоа треба да следува признание. Војникот треба да помине многу часови во обука, посветеност и да има војничка дисциплина за да има успешна мисија. Војниците од македонските безбедносни сили, воената полиција и ренџерите покажаа неверојатна професионалност и ние ја наградивме нивната макотрпна работа во обуките и во извршувањето на мисијата во Авганистан.
Колку сте задоволни од сегашното ниво на соработка?
КРЕЈ: Многу сум задоволен од моментното ниво на соработка меѓу Македонија и Вермонт. Мислам дека секогаш постои можност за подобрување на соработката, но ние гледаме на партнерството заеднички и кога постојат области за подобрување на соработката наоѓаме заеднички начини, како тим. На годишно ниво спроведуваме повеќе од десет активности и ги спојуваме војниците на Вермонт со војниците на АРМ во различни области. Константно заеднички истражуваме нови области на соработка и ги подобруваме моментните области на соработка за да можеме да се приспособиме на случувањата што постојано се менуваат, а во кои се наоѓаат нашите војници. Во моментов не можам да издвојам некоја област во која е неопходно да се подобри соработката, а, можеби, тоа е поради фактот што предизвиците ги согледуваме заеднички и заеднички се соочуваме со нив. Ова е силата на нашето партнерство. Не се плашиме еден на друг да си укажеме на проблемите, а потоа работиме заедно да ги разрешиме, при што стануваме подобри партнери.
Во која насока ќе се движи натамошната соработка меѓу САД и АРМ и што, всушност, значи трилатералната соработка?
КРЕЈ: Армијата на Р. Македонија и Националната гарда на Вермонт имаат постојана заедничка врска и нашата соработка оди само во насока на проширување. Трилатералната иницијатива е начин да се истражат можностите за соработка меѓу Сенегал и Македонија, како што стануваат достапни заедничките можности за обука кај двете држави.
Во која насока ќе се движи соработката со тимот за кризен менаџмент и во кои области?
КРЕЈ: Тимот за кризен менаџмент е присутен тука оваа недела и спроведува една активност што е продолжение на заедничките ангажмани што ги имаат Вермонт и Македонија од 2009 година до сега. Ова е посета на официјални лица на Сојузната Држава Вермонт од високо ниво, кои можат да ги споделат научените лекции од високо ниво и можат да соработуваат со високите официјални лица тука во Македонија.
Вашиот претходник, генерал-потполковникот Мајкл Дуби, ја сметаше Македонија за своја втора татковина. Од овие краишта тој во Вермонт вдоми две кучиња од исклучително специфична сорта – шарпланинец. Исто така, беше горд што соработувал со војниците, кои ги сметаше за многу повеќе од само воени партнери. Кои се клучните работи по кои Македонија може да го запомни генерал-мајорот Креј?
КРЕЈ: Како командант на Националната гарда на Вермонт, јас сум целосно посветен на мисијата ова партнерство да се засили и тоа не само нашата професионална соработка, туку и нашето пријателство. Многу сум посветен на нашето партнерство и се радувам на можностите што стојат пред двата партнера, Македонија и Вермонт.
Што Ви остана најмногу во сеќавање од Вашата прва посета на Македонија минатата година? Можеби нашата архитектура, историја, култура, нашите споменици, природните убавини, храната или, можеби, Ви требаше повеќе време да истражување?
КРЕЈ: Мора да истакнам дека од првиот момент кога пристигнав минатата година, забележав дека луѓето во Македонија се исклучително гостопримливи и се, навистина, горди на својата култура и историја. Невозможно беше и јас да не ја почувствувам таа возбуда. Постои гордост кај народот, која е речиси заразна. Секаде каде што одам, луѓето се расположени да го споделат своето знаење од областа на културата и на историјата. Тие со уникатна радост ги споделуваат своите знаења, а јас уживам во слушањето. Исто така, сметам дека македонското вино е производ со кој треба да се гордеете, македонското вино е, навистина, добро.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со генерал-мајор Стивен Креј е објавено во 108. број на неделникот Република, 26.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти


