Сезоната на правење ајвар е во ек, но пиперката, куртовска капија, која е главна состојка во овој македонски деликатес, речиси ја нема на пазарот, а тоа што може да се најде е речиси двојно поскапо од минатата година. Цената на еден килограм ајварка во моментов се движи од 25 до 30 денари, со тенденција на натамошен пораст. Недостигот и високата цена на овој вид пиперки се предизвикани од зголемениот извоз и од лошите временски услови, кои го десеткуваа родот. Тоа значи дека граѓаните и преработувачките капацитети, најверојатно, годинава ќе прават ајвар во многу помали количини од претходните години, а тоа што ќе се направи и продава ќе биде со повисока цена. –Куртовската капија речиси ја нема на пазарот. Тоа што може да се најде е со повисока цена од претходните години, а делумно и со полош квалитет. Неповолните временски услови и зголемениот извоз си го направија своето. Најголеми количини од ајварката отпатуваа и сè уште одат за рускиот пазар и тоа по цена од 30 денари за килограм, а тоа што останува на овдешниот пазар е премалку за да ја задоволи побарувачката на граѓаните и преработувачите. Дел од пиперките се и со полош квалитет од претходните години, бидејќи неповолните временски услови го намалија квалитетот на родот на отворено – вели за „Република“ претседателот на Федерација на фармери, Никола Стаменов. Според него, и порано пазарот се соочувал со недостиг од куртовска капија, но годинава состојбата е алармантна. –Во земјава традиционално многу се прави ајвар, па нормално е да не можат да се задоволат сите потреби. Во услови кога има недостиг од ајварката таа се увезува и тоа главно од поголемите производители, како што се Србија или Турција, иако не знаеме како ќе биде годинава со увозот бидејќи и овие земји беа погодени од лошите временски услови – додава Стаменов. Тој најавува дека со оглед на тоа дека има голема побарувачка за ајварката, во иднина ФФМ ќе се обиде земјоделците да ги пренасочи кон поголемо производство на овој вид пиперки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кристина Агилера и Иги Поп одат кај него во ресторан да пробаат ѓомлезе и ајвар
-
Фонд за иновации, спиете ли мирно? Грант за овој изум за мешање ајвар! (видео)
-
Време е за ајвар: Еве како да ги излупите пиперките, без да ги валкате рацете (ВИДЕО)
-
Што ти значи балкански инает: За малку ќе завршел во канадски затвор поради ајвар, но сега го свртел системот во своја корист


