| четврток, 6 декември 2018 |

Што ти значи балкански инает: За малку ќе завршел во канадски затвор поради ајвар, но сега го свртел системот во своја корист

Србинот Горан Росиќ, кој веројатно е единствен човек на светот кој дошол на суд поради печење пиперки во својот двор, ни по една година од процесот против него надлежните државни органи не успеале да го казнат. Росиќ дури и успеал целиот случај да го сврти во своја корист.

Кога минатото лето брачниот пар Росиќ се нашол лице во лице со канадските правосудни органи само поради тоа што сакал да направи домашен ајвар печејќи пиперки во својот двор, веста за тоа станала ударна во речиси сите тамошни медиуми.

Сосетката ги пријавила, пожарникарите веднаш дошле во нивниот двор, а набрзо уследила и тужба. Им се заканувала казна од 50.000 долари или затворска казна од една година во случај да не платат.

Минатата година Горан тврдел дека нема да даде ни еден цент. До ден денес останал доследен. На крајот дури и морале да го оддалечат од судницата затоа што, еден пожарникар признал дека фотографијата од скарата во неговиот предмет е подметната.

-Единствена опција им беше да смислат нешто против мене. Веднаш во судницата реков: Господине судија, имате чиста ситуацијата, гледате дека оваа фотографија е лажна, барам судењето против мене веднаш да се прекине – вели Росиќ признавајќи дека одговорот на судијата го изненадил, но не и обесхрабрил.

На крајот, судијата го казнил Горан со 305 долари, но и неговата сопруга со истата сума на пари. Меѓутоа, Росиќ не се предал толку лесно. Веднаш поднел жалба, па на 13. март оваа година неговиот случај дошол до Градскиот суд.

-Тука не дочека адвокат од општината во која живеам. Му кажа на судијата дека сум бил во општината да барам пет милиони долари оштета поради тоа што сум неосновано казнет. Не е точно дека ја барав таа сума. Барав 15 милиони долари! Ќе одиме до крај господа, до крај, тоа им го кажав- вели тој.

Неговото судење е закажано за 17. јули. Росиќ тврди дека судијата нема да дозволи неговиот случај да заврши на Врховниот суд на Канада, бидејќи во тој случај, според неговите зборови, на виделина ќе излезат сите валкани работи кои му ги подметнувале во текот на целата судска постапка. Од резултатот од спорот, вели, очекува градоначалникот на Форт Ајри, да ја изгуби својата работа.

Токму кога целата работа малку се стишила, Росиќ одлучил повторно да направи запршка. Овој пат не во суд со аргументи и документација, туку во двор со пиперки…повторно.

-Во октомври минатата година пожарникарите повторно дојдоа, тоа беше недела наутро, се сеќавам, доаѓа камион пред мојата куќа. Излегува некоја жена. Веднаш знаев за што станува збор и и реков “пред да се обидете да го направите тоа што сакате, морам да Ве прашам, дали имате вие некое овластување да упаѓате на мојот имот? Знаеше дека нема, па се јави во полиција да го направат тоа наместо неа – рекол Росиќ.

Кратко потоа пристигнале двајца полицајци. Ги одвел во дворот и со прст им покажал да погледнат во прозорите на соседната куќа. Биле, вели тој, вградени две камери за да го снимаат што прави.

-Оној момент кога ќе седнете во автомобилот и си заминете од тука, имате 30 минути камерите да бидат отстранети. Ако вие господа полицајци, не го направите тоа, ќе го направам јас, нема мене и моето семејство некој да не шпионира. Полицаецот влезе внатре кај соседите и ги отстрани камерите – истакнува Горан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top