Песната „Милена“, која е една од најпознатите на хрватската група „Нови фосили“, била посветена на девојка од Македонија, која во Херцег Нови ја запознал лидерот на групата, Рајко Дујмиќ.
Дујмиќ за еден српски портал објаснил за која Милена е напишана песната.
– Цела ноќ седев со една Милена, моја генерација, и без прекин зборувавме до раните утрински часови. Таа беше социјална работничка во Неготино. И кажав: „Милена, ќе завршиш во песна“. Не ми веруваше, мислеше дека тоа ѝ го велам на секоја девојка.
Славниот музичар си останал на зборот.
– На крајот ѝ реков: Сега ќе се разделиме и можеби никогаш веќе нема да се видиме, но ќе видиш дека јас никогаш не лажам. По две и пол години дојдовме во спортска сала во Неготино во рамките на турнеја која се викаше „Милена, генерацијо“. Ми пријде редарот и ми кажа дека ме бара една жена со две деца и сопругот која тврди дека ме познава. Беше тоа мојата Милена. Кога ме виде, таа почна да плаче и ми кажа дека не може да верува дека такво нешто е возможно. Тогаш ѝ кажав дека човек се држи за збор, а вол за рогови – раскажал Рајко Дујмиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


