Во организација на комуната на Власите „Браќа Манаки“ во Битола, со низа активности беа одбележани 49 години од смртта на Милтон Манаки, првиот снимател на Балканот.
Во комплексот Влашки гробишта, каде што се наоѓа вечниот дом на Манаки, цвеќе положија делегација на општина Битола предводена од градоначалникот Владимир Талески, претставници на јавниот и на културниот живот во градот, а за делото на Манаки пригодна реч одржа Стефан Хаџи Андоновски, член на здружението.
Во наредниот период општина Битола ќе го возобнови киното на браќата Манаки што се наоѓало на Широк Сокак во овој град. Според проектот поддржан од Министерството за култура и од Кинотека на Македонија, ликот на некогашното кино „Балкан“ ќе биде вратен со изградба на нов објект на старата локација во кој ќе има постојана музејска поставка, архивски материјал и фотографии, но и предмети од киното на браќата Милтон и Јанаки Манаки.
Како што е познато, некогашното кино „Балкан“ на браќата Манаки во Битола работело во периодот од 1923 до 1939 година кога по еден пожар изгорело до темел. Во киното имало киносала со 395 нумерирани седишта. Филмската програма била обезбедувана од дистрибутерски филмски куќи на Балканот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.