Поради недоследности во техничкаа документација, Градот не го потпиша договорот за изведба на новата барокна фасада на објектот „Сити галери“ на плоштадот „Македонија“.
Распишан е нов оглас кој ќе трае до 16 октомври, а основен критериум е најниска понудена цена. Исто така, од изведувачот се бара да поседува „соодветна лиценца ’Б’ за изведување градби од втора категорија, во согласност со Законот за градење, издадена од Министерството за транспорт и врски, а доколку се работи за странски понудувач, се доставува потврда дека може да изведува градби од втора категорија“.
Се проценува дека новата фасада Градот ќе го чини околу 2,7 милиони евра, но, сепак конечната сума ќе биде дефинирана по склучување на договорот за изведба.
Новиот изглед на ојектот е веќе познат, како и изгледот на зградата „Метропол“ и уште две згради на улиците „Македонија“ и „Никола Вапцаров“.
Одлуката за промена на изгледот на фасадите градските власти ја образложуваат со член 67-а од Законот за градење во кој е утврдена можноста советот на општината, советот на општината во градот Скопје односно советот на градот Скопје, со одлука да го утврди изгледот на фасадата на еден или повеќе објекти кои се ставени во употреба, кои се наоѓаат во централното градско јадро, доколку утврдат дека тоа е од значење за општината, односно градот Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.