Горан Пандев и Агим Ибраими се единствените двајца фудбалери од Македонија што играат во Лигата на шампионите, а во втората рунда ќе имаат вистински тестови против Арсенал, односно со Шалке 04. Пандев е во поширокиот состав на Галатасарај, а дали ќе игра од почетоко на „Емирејтс“ во Лондон против Арсенал ќе одлучи Чезаре Прандели. На италијанскиот стратег му се „тресе“ столчето, Галата не игра добро на стартот од сезоната, па можеби токму Пандев ќе биде тајното оружје за изненадување во Лондон. Тој меч се игра утре од 20,45 часот, а вечерва во истиот термин Ибраими со Марибор ќе гостува во Гелзенкирхен кај Шалке 04.
Германците се фаворити, но дебитантот во ЛШ од Словенија си има свои сметки. Еден од адутите е и македонскиот репрезентативец.
„Марибор не се плаши од никого, ниту во Лигата на шампионите. Ќе сториме се да забележиме добар резултат и во Гелзенкирхен“, вели Ибраими.
Во првата рунда претставникот на Словенија ремизираше, 1-1, на домашен терен против Спортинг од Лисабон, а со идентичен резултат Шалке 04 освои еден бод против Челси на гостински терен.
Лига на шампиони, второ коло, денеска: ЦСКА – Баерн 18 часот, ПСЖ – Барселона, Манчестер сити – Рома, АПОЕЛ – Ајакс, БАТЕ Борисов – Атлетик Билбао, Шалке 04 – Марибор, Шахтар – Порто и Спортинг – Челси, сите од 20,45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.