Искусниот планинар Никола Јашманковски (67) откако се искачил на два врва се струполил на земја додека се симнувал од планината, а другарите се обиделе да го спасат, но безуспешно, пишува „Дневник“.
Пет часа на студ лежев покрај другарот во страв да не наидат диви животни и да го растргнат телото. Бев прегладнет, немав ни капка вода за пиење, но не ме пушташе душата да го оставам во планина. Со овие зборови битолскиот планинар Петар Ставрев ни раскажа за трагичната ноќ на планината Баба, кога починал неговиот другар Никола Јашманковски (67). Несреќата се случила завчера додека се симнувале од врвот Неолица. Тој раскажува дека го чувал телото на планинарот од 17 часот, кога ненадејно починал, до 22 часот вечерта, кога дошле екипите на брзата помош и на полицијата да констатираат смрт и да направат увид. Јашмаковски, искусен битолски планинар, починал на една од ливадите кај село Брусник, тешко достапно место, до кое не води асфалтен пат.
– Kако да оставиш починат човек во планина во која има диви животни? Тоа не е човечки. Бевме тројца, едниот од другарите што беше со нас, Митре Марковски, се стрча во градот за да побара помош, а јас останав да чекам крај покојниот. Падна ноќта, бев слабо облечен, студеше. Бев прегладнет, немав ни капка вода за пиење. Но, хуманоста ми беше пред с` – раскажува Ставрев.
Неделната прошетка на тројцата планинари до Неолица се претворила во трагедија, иако на почетокот тие немале никакви проблеми и Никола не покажувал знаци дека има здравствени проблеми. Ставрев ни раскажа дека со Марковски се искачиле на врвот Неолица на надморска височина од 1.865 метри. Таму го сретнале Јашмаковски, кој имал навика сам да планинари. Тука екипата се здружила и по предлог на Јашмаковски заминале на другиот врв наречен Бабин Заб (1.850 м н.в.), кој се вбројува во еден од помаркантните врвови на оваа македонска планина. Таму се фотогрфирале и попладнето тргнале назад.
– Му велевме да одиме од страната на Лавци, но тој инсистираше од страната на село Брусник зашто го знаел патот. Одеше напред, ги расчистуваше гранките и високите треви од патчињата. Разговараше на телефон со четири и полгодишниот внук од ќерката, беше расположен, не се пожали на никаков проблем – објаснуваат планинарите што беа со него.
Но, наеднаш се онесвестил на една од ливадите во близина на Брусничка Река. Планинарите се обиделе да го повратат во живот, но попусто.
– Марковски јазикот му го задржа со планинарската штака, а јас му правев масажа на срцето. Но, попусто не успеавме да го оживееме – додава Ставрев.
По ова Марковски тргнал пеш за Битола да го извести семејството на починатиот, а Ставрев останал на ливадата крај мртвото тело. Паднал мрак, па го повикал и својот син на помош. Тој дошол со другар со џип зашто местото било тешко пристапно. Увидот од лекарска и полициска екипа со истражен судија бил извршен околу 22 часот. Се претпоставува дека починал од срцев удар, но телото било дадено и на обдукција за да се утврди смртта. Инаку Никола порано имал доживеано срцев удар.
– Тројца од погребното претпријатие, мојот син и синот на покојникот на раце го носеа телото 300 метри, а поминаа и преку река за да стигнат до џипот. Потоа го превезоа до Брусник, каде што беше погребното возило – раскажува Ставрев.
Од Итна помош велат дека откако добиле известување за планинарот, веднаш испратиле екипи. Велат оти четири екипи излегле на терен, но имале проблем да го најдат местото зашто било тешко пристапно, а во почетокот не им била посочена и точната локација.
– Случајот беше пријавен во 18.15 часот од сопругата. Беше кажано дека кај црквичето под Брусник има онесвестен планинар. Веднаш излеговме на терен. Но, таму не најдовме пациент. Потоа добивме информација дека треба да се пристапи од другата страна на градот, па таму замина друга екипа, но беше констатирано дека патот е тешко пристапен – информираа од брзата помош.
По ова околу 19 часот добиле повик од полицијата дека треба да одат на увид за да проверат починат. Екипата тргнала, но увидната екипа од полицијата и судот сѐ уште не била излезена на терен. Така, дури четвртата екипа на брзата помош учествувала во увидот во неделата вечерта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сред сезона во Охрид: Два лекари и три сестри, единствениот медицински персонал во Брзата помош
-
Стотици планинари заглавени по силниот земјотрес во Индонезија
-
Протече снимка од големото спасување планинари на Шапка (видео)
-
Емисијата „КОД“ со нови сознанија за загинувањето на Калина и Александар (видео)