Емирот на Катар, Хамад бин Халифа ал Тани, купи шест грчки острови во Јонско Море за сума од само 8,5 милиони евра. Тој ги доби островите по 18 месеци правни спорови со локалниот градоначалник и со кралската фамилија, пренесува „Гардијан“.
– Грција е таква држава – вели градоначалникот на Итака, Јоанис Касианос, во текстот на „Гардијан“.
Дури и кога купувате остров, па дури и кога сте емирот на Катар, за обработката на документацијата е потребна една и пол година.
Емирот ги забележал островите првпат пред четири години додека крстосувал низ Јонско Море со својата суперјахта. Островите располагаат со плажи со бел песок, шуми со маслинови дрвја и се наоѓаат во близина на Итака – митскиот дом на Одисеј.
Тие, исто така, се меѓу низата национални богатства што Грците ги продаваат од почетокот на светската финансиска криза.
Најголемиот од шесте островот го носи името Оксија и бил сопственост на австралиска двојка од грчко потекло, а првично објавената цена била 7 милиони евра. Потоа, сепак, цената е намалена на помалку од 5 милиони евра. За сумата од 8,5 милиони евра емирот успеал да купи уште пет помали острови.
Денис Белегзии, чие семејство ги поседувало останатите пет острови во последните 150 години, изјавил дека тие се радуваат оти ги продале поради значително зголемените даноци.
– Многу се радуваме дека ги продадовме островите. Тие се на пазарот околу 40 години – рекол Белегзии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.