Во втората половина на минатиот век позитивно се мислело за исушувањето на мочуриштата и за пренамена на тоа земјиште за покорисни цели. Набрзо потоа се покажуваат последиците – промена на микрокилимата, неможност за истекување на водата, чести поплави и неповратно пропаѓање на најавтентичните птици и инсекти што живеат во мочуриштата…. Што се губи кога на тоа место ќе се подигнат бетонски објекти…
„Чувството на брадата“, преку главната хероина ве носи во еден чуден, опасен, непредвидлив, но во исто време и поетичен, духовит, неодолив, автентичен и неповторлив свет. Свет во кој се крие чудовиште, но и бисери. Тој чудесен и луд свет го набљудуваме со неверување и внимателност, сметајќи ги неговите херои за заостанати и примитивни митомани, за на крај да дојдеме до прашање во поинаква перспектива – кој е во право? Кој ги држи клучевите на објективноста? Кој може да каже дека го познава светот? Кој може да суди за светот?
Накратко ова е тоа со кое синоќа во салата на Театар Комедија актерите на сцената ја насмејаа до солзи публиката. Младиот тим актери на синоќешната премиера уште еднаш докажа дека младоста носи свежина. Неповторливата Зорица Нушева со својот шарм, својата дарба и несебично дарување на сè што знае и умее повторно беше еден од највпечатливите ликови на сцената. Глумејќи го ликот на жената на сликарот, а воедно и ликот на гатачката таа на публиката ѝ покажа дека еден добар актер може да се носи истовремено со два лика, а притоа, тоа публиката да не го забележи, да не сфати дека се работи за една иста личност – Зорица Нушева.
Меѓу лицата што стануваат препознатливи за новиот Театар Комедија се и Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски – Тино. Тие синоќа беа повторно тие – оригинални и неповторливи. Нина Деан е едно од имињата што за љубителите на театарската комедија е синоним за Театар Комедија. Актерката, која иако млада, досега многупати докажала дека се работи за исклучително талентирана личност за глума, игра, танц, пеење низ ликот на книжевната критичарка Марина Дербарендикер ги внесе присутните во светот во кој се кријат чудовишта и бисери…
Воедно, целиот актерски тим ни донесе уште една претстава што вреди да се гледа. Автор на текстот е Русинката Ксенија Драгунска, а режисер е Србинот Борис Лијешевиќ. Во претставата настапува целиот ансамбл на Театар Комедија: Кристина Ласовска, Нина Деан, Жарко Димоски, Зорица Нушева, Ердоан Максут, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Валентино Костадиновски, Ева Скендеровска, Илија Илиоски, Крсте Јовановска и Атанас Атанасовски. Сценограф е Валентин Светозарев, а костимографијата е на Илина Ангеловска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“