Од 4 до 8 ноември градот Инегол во Бурса, Турција, по 32. пат ќе биде домаќин на еден од најголемите саеми за мебел на Балканот.
Повеќе од 150 компании што произведуваат мебел, како од Турција, така и од странство, ќе ги изложат своите производи, а се очекуваат и преку 1.500 гости и посетители од Европа, Средниот Исток, Балканот, како и од Африка. На саемот ќе може да се видат модерни и класични гарнитури, но и антика. Во фокусот се спалните и дневните соби, како и детските соби и собите посебно наменети за бебиња.
„Модеф експо“ ќе биде посебно интересен за сите што сакаат да купат квалитетен мебел, за исклучително ниска и прифатлива цена. Компаниите во Инегол ресурсите за производство ги земаат од локалните шуми, па поради тоа производството е поевтино, а со тоа и цената. Во исто време, квалитетот е на високо ниво.
Индустријата за мебел во Турција во последните години е во забрзан развој. Од вкупното производство, околу 25 отсто се извезува во странство.
Во Инегол се сместени повеќе од 260 фабрики и 1.500 производствени центри, со што градот е најголем производител за мебел во Турција.
Минатата година, на саемот присуствуваа околу 30.000 посетители, од вкупно 48 земји во светот.
Оваа година, се очекуваат посетители и изложувачи од Бугарија, Босна и Херцеговина, Ирак, Иран, Афганистан, Египет, Азербејџан, Русија, Украина, Либија, Јордан, Тунис, Саудиска Арабија, Палестина, Кувајт и многу други.
Некои од организациите што го промовираат овој саем се и Светскиот трговски центар во Дубаи и организацијата за саеми во Хановер, Германија.
Организаторот на саемот, „Антекспо“, очекува уште поголем успех оваа година, а на компаниите што ќе го посетат, им ветува дека ќе успеат уште подобро да ја развијат својата стратегија за производство на мебел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


