| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ги поддржа измените за биомедицинско потпомогнато ополодување

sobranie sala-oktomvri

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 15-тата седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за биомедицинско потпомогнато ополодување, во прво читање и едногласно со 62 гласа „за“ заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Претходно во расправата за потребата за носење на законот министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека треба да им се помогне на семејствата што немаат деца и оти сурогат мајчинството може да биде единствен излез од ситуација на невозможност да се има свое генетски поврзано дете кога жената не може да ја издржи бременоста.

– Токму поради тоа намерата на сурогат мајката е да го замени тој процес само во периодот на бременост, рече Тодоров.
Сурогат мајка може да биде жена на возраст од 25 до 50 години, која е мајка на најмалку едно дете и психофизички здрава. Законот предвидува сурогат мајката да добие само пари за основните трошоци, а се забранети и казниви со закон исплаќањето на финансиски средства, како и на подароци повисоки од 100 евра, појасни Тодоров.
– Предвидуваме и кривично дело според кое ќе се казни со закон од шест месеци до пет години секој кој ќе бара или земе односно понуди или даде паричен надоместок, хартии од вредност, недвижен или подвижен имот, злато или друга материјална корист како надоместок, изјави министерот Тодоров.
Меѓу другото се предвидува и заштита на идентитетот на сурогат мајката, родителите и детето. Казни ќе има и за оние кои ќе ги изнесат нивните податоци во јавност.
Сурогат мајка може да се биде само еднаш.

– Со ова сакаме да не оставиме каква било можност за каков било бизнис. Може да роди само едно дете за кого било, рече Тодоров.
Со законските измени се предвидуваат и условите под кои брачен пар може да поднесе барање за сурогат мајчинство. Собранието попладнево го разгледа и едногласно со 64 гласа „за“ заклучи едка е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, во прво читање.
Во расправата министерот за здравство Тодоров дека најбитна е измената со која се предвидува микробиолошките лаборатории да бидат должни веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа да го известат Министерството за здравство, Агенцијата за храна и Државниот санитарен и здравствен инспекторат доколку откријат некоја бактерија или заразна болест во храна или било кое испитување што го прават со цел веднаш преземање на неопходните мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top