| четврток, 6 декември 2018 |

Лавров: НАТО ја турка Украина во насилно сценарио

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека НАТО ја одигра својата деструктивна улога во украинската криза и дека го поттикнува Киев на насилно решавање на конфликтот, отфрлајќи ги притоа обвинувањата за руско воено мешање во Украина како дел од информативната војна.

lavrov

– Големо внимание привлекува деструктивната улога на НАТО во текот на целата внатрешна криза во Украина. Меѓу останатото, Алијансата почна со зајакнување на воениот потенцијал на Украина, кој, како што е познато, се користи и против цивили. Раководството на НАТО ги поддржува намерите на државите членки во голем обем да ја снабдат Украина со специјални средства, воена опрема, која украинските власти би можеле да ја употребат за внатрешна репресија. На тој начин Киев се поттикнува кон насилно решавање на конфликтот – рекол Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи вели дека плановите за одржување вежба на земјите од Алијансата со Украина на украинска територија, биле обелоденети на неодамнешниот самит во Велс и таа „нема да придонесе за мировниот процес, туку само ќе го продлабочи расколот во украинското општество“, пренесуваат руските агенции.

Лавров обвинувањата за руско воено мешање во Украина, како и повеќепати досега, ги нарекува дел од информативната војна.

– Обвинувањата дека Русија воено се меша во конфликтот се слушаат уште од самиот почеток на кризата од кога нас практично нè обвинуваат за сè. Притоа, ниту еднаш не беа претставени докази за ваквите обвинувања -истакнува Лавров.

Лавров смета дека денес Украина се наоѓа пред избор или да тргне по патот на „мирот и конструктивниот дијалог“ или „да западне во авторитарност и национал–радикална диктатура“.

„Одлуката е на Киев во украинското општество“, порачува рускиот министер, додавајќи дека се појавила реална шанса за прекин на братоубиствената војна, за што паралелно со одржувањето на прекинот на огнот потребно е што побрзо да се покрене отворен дијалог со учество на сите региони и политички сили.

За избегнување на натамошна ескалација во Украина, како што истакнува Лавров, многу важно е сите „без исклучок н надворешните играчи“ да покажат воздржаност.

-Нашата позиција е потполно јасна – сакаме мир во Украина кој може да биде постигнат само со широк национален дијалог, рекол рускиот министер и додава дека продолжувањето со притисок врз Русија нема да помогне да се реши украинската криза, туку дека тоа само ќе ја продлабочи истата.

– САД, ЕУ и другите земји на крај треба да го слушнат гласот на разумот и да го прекинат бесмисленото „оро“ активности по принципот „око за око, заб за заб“, кое всушност тие сами го започнаа – додал Лавров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top