По големиот успех со наградуваните компакт-дискови на кои Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар под водство на својот шеф-диригент Василиј Петренко и со македонскиот пијанист Симон Трпчески ги изведоа сите дела на Сергеј Рахмањинов напишани за пијано и оркестар, деновиве се појави третиот диск од оваа соработка. Издавачката куќа „Оникс“ издаде цеде на кое тие ги изведуваат Концертите за пијано и оркестар број 1 и 2 од Петар Илич Чајковски.
– Мислам дека одговорноста е исклучително голема кога се работи за снимање на едно толку популарно дело какво што е Првиот концерт на Чајковски, додека Вториот е помалку изведуван, но не и помалку вреден. Навистина сметам дека вложивме многу труд и љубов и таа емоционална димензија може да се почувствува на цедето и барем јас се надевам дека слушателите ќе можат да ја почувствуваат и ги чекам нивните реакции, изјави Симон Трпчески за Македонското радио.
Овациите од публиката наградени со изведби на бис се редовни и на најновата серија концерти што во текот од еден месец откако стартуваше новата сезона нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески ги отсвири низ Европа, соопшти КултурОп.
Како солист на Младинскиот оркестар на Европската унија, Трпчески под диригентската палка токму на Василиј Петренко настапи во Италија, Австрија и Холандија, а концертот во познатата сала „Концертгебау“ во Амстердам беше само еден од тие кои директно беа пренесувани на интернет. Големиот интерес да се проследи настап во живо на нашиот виртуоз резултираше со преноси со слика и звук и од концертите на отворањето на сезоната на Филхармонискиот оркестар на Осло во норвешката престолнина, како и на првиот од концертите на Трпчески со Рускиот национален оркестар под диригентската палка на легендарниот Михаил Плетњев во концертната сала „Чајковски“ во Москва на Денот на македонската независност.
Само десет дена подоцна, овојпат на својот 35-ти роденден (18 септември), Трпчески повторно ќе концертира во истата сала во руската престолнина, со врвниот Руски национален оркестар под палката на украинскиот диригент Кирил Карабиц, изведувајќи го Концертот број 3 за пијано и оркестар на Прокофјев.
Серијата концерти на нашиот пијанист низ Европа продолжува до крајот на ноември. Предвидени се оркестарски и камерни настапи во Ла Коруња, Барселона, Белфаст, Торино, Стразбур, Лондон, Бирмингем и повторно Амстердам, а на крајот на ноември и првата половина на декември во Соединетите Американски Држави и Канада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.