| четврток, 6 декември 2018 |

Филмската уметност црвенее заради Столе Попов:Кој е одговорен за надминатиот буџет и деновите за снимање?

Приказна на фестивалот „Браќа Манаки“ почна пред половина век кога двајцата браќа од Македонија, од Битола, Јанаки и Милтон, купија камера и станаа првите филмски сниматели на Балканот. Оттогаш наваму, Македонија,  веќе 35 години е организатор на најстариот меѓународен  фестивал на филмска камера што во нивна чест го носи името „Браќа Манаки“. Се до овогодинешното издание, секој кој барем за миг бил дел од него, се гордееше да каже дека бил дел од фестивалот, дека видел одлични филмови, се сретнал или поразговарал со кинематографери од светски формат, бидејќи Фестивалот пред се им е посветен ним, но и дека одблиску видел на Широк сокак некоја од светски ѕвезди кои изминативе години гостуваа на фестивалот.

Годинава, сјајот на манифестацијата неправедно беше поматен од скандал кој треба да се решава надвор, а не на црвениот килим. Режисерот Столе Попов на црвениот килим откако застана да им даде изјава на присутните новинари, се изнервира од прашањето поставено од новинарката на Телевизијата „Орбис“ која го праша за „одредени контраверзи околу новиот филм“, мислејќи на парите кои продукциската куќа „Триангл“ ги должи на дуќанџиите во Битола и дел од екипата.

Имаше одредени контраверзи особено сега пред фестивалот, но се надевам дека ќе поминат во најдобар ред, гласеше прашањето на новинарката.

-Јас сум режисер на филмот се надевам, знаете што значи тоа. Или научете, дрско одговори Попов.

А зошто режисерот Попов смета дека не треба да биде прашан за финансиските проблеми на филмот. Тој не може да се амнестира од целта ситуација и да рече: Јас сум режисер. Токму затоа што е режисер, копродуцент и косопственик на продукциската куќа „Триангл“, која е продуцент на филмот. Значи точно знае што се случува со парите. Или барем треба да знае. Ако не знае, тоа е негов пропуст, бидејќи не ја завршил обврската како продуцент. Не може да ги обвинува новинарите, организаторите или…било кого, бидејќи „До Балчак“ во моментов важи за најскап филм во македонската кинематографија со буџет од 3,6 милиони евра. Владата ја финансираше продукцијата со 2,5 милиони евра како филм од национален интерес, а Филмски фонд му ја додели максималната сума од 500 илјади евра. Тоа се народни пари, а како ги потрошил треба да одговори и новинарката има полно право да праша.

И откако влезе во салата, Попов одлучи да направи сцена непосредно пред доаѓањето на ѕвездата и главна гостинка на фестивалот, оскаровката Жулиет Бинош. Притоа крајно недолично и се обраќаше на директорката на фестивалот, Лабина Митевска, не дозволувајќи и да си ја заврши работата и да ја пречека својата гостинка на црвениот килим. Навредите кулминираа на прес-конференцијата на која, фестивалот „Браќа Манаки“, Попов ја нарече селска манифестација.

Роберт Насков, претседателот на друштвото на филмските професионалци, во интервју за „МРТ“ вели дека изјавата на Столе Попов е навреда за нив.

-Нити ова издание на фестивалот, 35-то по ред е селска модна ревија. Изјавата на Столе Попов е навистина срамна и недолична. Да се зборува за манифестација на која продефилирале секоја година оскаровци филмски ѕвезди, учествувале најдобрите директори на фотографии на планетава, да се каже дека е селска манифестација е навреда за сите нас: филмските професионалци, за организаторите и за тие што го поддржуваат и го финансираат, бидејќи не треба да заборавиме, ова е најстар фестивал на филмска камера во Европа и во светот и е од национален интерес за Македонија. Веројатно се работи за гола суета. Одамна е надминат оној култ кон авторот дека на авторите се им припаѓа, тие треба да бидат најважни, посебно третирани, но тврдам дека фестивалот ги почитува и ги негува своите автори и филмските професионалци. Тоа можам да го потврдам бидејќи соработувам уште од студентските денови, вели Насков.

Во поглед на тоа дали Столе Попов може да се амнестира од ваквите прашања, едноставно велејќи: Јас сум режисер, Насков вели:

-Секако дека не може да се амнестира. Столе Попов освен што е режисер на филмот е и косопственик на продукциската куќа „Триангл“ која ги должи парите на колегите и на стопанствениците, е продуцент на филмот. Кој е одговорен за тоа што проектот ги надмина буџетот и деновите за снимање? Продуцентот за тоа не може да се обвини. И морам да додадам дека сите филмови на Столе Попов ги надминуваат буџетите и деновите за снимање.

Снимањето на филмот „До Балчак, приказни од дивиот исток“, по сценарио на Горан Стефановски, започна во 2012 година, но траеше повеќе од предвиденото и продолжи со снимање уште седум недели, а продукцијата „Триангл“ го надмина буџетот. Тоа е причина што дел од екипата и другите соработници ја тужеа за неисплатени обврски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top