Гордан Георгиев се смета за еден од најталентираните млади политичари во Македонија кој што не успеа со својата енергија да ги промени долгогодишните навики во СДСМ. Младоста и знаењето се стопија во, некогаш, неразумните одлуки на неговата партија. Во интервју за Република ги демистифицира одлуките на Централниот одбор на СДСМ кој што остана на одлуката да не учествува на локалните избори во март. Разговорот со потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев е воден во среда, 13 февруари, ден по информацијата во медиумите дека претходната вечер во партијата „се кршеле копјата“ дали да се учествува на локалните избори.
Георгиев: Информацијата дека во вторникот вечерта СДСМ решавала дали дефинитивно ќе излезе на локалните избори е шпекулација. Во вторникот немаше ниту седница на извршниот, ниту на централниот одбор на СДСМ, туку координација што претставува редовна практика на раководството на партијата. Нашите ставови се јасни, познати на јавноста и немаме ништо ново да додадеме. Одлуката да не учествуваме на локалните избори доколку нема договор за предвремени парламентарни избори беше донесена веднаш по настаните на 24 декември и остануваме на неа.
Дали целото членство е сложно за ова прашање?
Георгиев: Одлуката е донесена, а и двајцата споменати градоначалници и другите кандидати се сложни дека главната приказна е поголема, а тоа е прашањето за потребата да падне овој недемократскиот режим на Груевски и за тоа нема дилема. И Заев и Јакимовски на неколку пати јавно го искажале истиот став. Никола Груевски не е подготвен да оди на предвремени парламентарни избори, тоа експлицитно, неколку пати го повтори деновиве, од само нему познати причини. Бидете сигурни дека да се чувствуваше Груевски комотен и самоуверен во својата популарност како што сака да се прикаже пред медиумите, немаше да пропушти можност да распише парламентарни избори. Ние нема да одиме на локални избори бидејќи дел од пакетот на решение на кризата предвидуваше и предвремени парламентарни.
Што понатаму? Нема да излезете на изборите, изборите ќе поминат, власта ќе ја освои владејачката коалиција. Потоа ќе ја оспорувате локалната власт?
Георгиев: Локални избори без учество на опозицијата нема да имаат легитимност. Без опозиција на изборите идните претпоставени градоначалници нема да имаат легитимност. Иако, законски гледано, изборот на локалната власт е можен со одѕив од минимум 33 проценти гласачи, таквите претпоставени и очекувани ниски проценти на следните локални избори ќе ја забетонираат сликата дека во Република Македонија се одржале избори без учество на широкото граѓанство. Горко се лаже тој што мисли дека во моментов постои вистинска опозиција надвор од опозицискиот фронт. Таа опозиција беше исфрлена на улица и ќе остане на улица. Затоа локалните избори ќе бидат нелегитимни.
Сепак, дел од членството за „Република“ вели дека се остава простор за 15 или 16 како ден „Д“ до кога, сепак, би се донела „најконечната“ одлука за учество или за неучество на изборите?
Георгиев: Не знам кој е тој „дел од членството“ на кој вие упатувате. Одлуката за неучество на локалните избори во март е одлука на Централниот одбор на СДСМ како највисоко партиско тело меѓу два конгреса. Централниот одбор има делегирани надлежности од членството да донесува одлуки во име на членството. Одлуката е донесена како резултат на неприфаќањето на барањето за предвремени парламентарни избори.
Најавивте враќање на пратеничките мандати, кога ќе го направите тоа?
Георгиев: Мандатите ќе ги вратиме тогаш кога ќе истечат сите рокови и можности за постигнување политички договор за избегнување на натамошното продлабочување на кризата и за тоа ќе ја известиме јавноста.
Од друга страна, го прифативте предлогот на претседателот на републиката за формирање комисија, а најавувате враќање на мандатите?
Георгиев: Прифаќањето независна комисија е само и само дел од евентуалниот политички договор во чијшто пакет е вклучено и барањето за предвремени парламентарни избори. Ние многупати досега рековме дека без договор по овие прашања, формирањето комисија не е прифатливо бидејќи таквата комисија не би имала смисла и не би ја остварила клучната потреба: враќање на легитимноста на Собранието.
Постои една теза дека СДСМ добива публицитет и се држи тензијата за на крај да излезе на локалните избори. Точно ли е тоа?
Георгиев: Тезата дека СДСМ глуми, дека промовира кандидати и дека сега влече медиумско внимание за потоа да оди на избори е теза на Никола Груевски лично. Таа теза ќе биде разбиена в сабота, на 16 февруари.
Од една страна, велите дека власта нема намера да го смени ставот за предвремени избори, од друга страна течат активностите по локалните штабови, како на пример средби со граѓани и други активности.
Георгиев: Се разбира дека ние цело лето и цела есен се подготвувавме за локални избори. Затоа и промовиравме кандидати за градоначалници. Но, кој и на сон би помислил дека на Македонија ќе ѝ се случи 24 декември? Ако се сеќавате, по 24 декември ние не промовиравме ниту еден кандидат за градоначалник. Нудејќи политички дијалог, нудејќи предлог за излез од оваа длабока политичка криза, бевме во очекување дека, можеби, ќе дојде до договор, власта ќе ги прифати барањата. Затоа и до локалните штабови беше оставен простор да продолжат со редовните предизборни активности за кампањата. Не гледам ништо спорно во тоа. Така се постави работата тогаш и тоа важеше сè до моментот кога Груевски не прифати одење на парламентарни избори.
Дел од европските пратеници доаѓаат со барања опозицијата да се врати во парламентот и да не се бојкотираат локалните избори. Дел од поддржувачите на СДСМ и на медиумите дури упатија и негативни критики кон нив поради тоа.
Георгиев: Немам видено таква реакција од СДСМ. Ние се согласуваме дека местото на опозицијата во нормална демократска држава треба да биде во парламентот, но на 25 декември Македонија се разбуди во недемократски авторитарен режим, кој е подготвен да тепа пратеници и насилно да исфрла новинари од собраниската сала. Тоа е крај, тоа е самрак на демократијата во државата. Што се однесува до европратениците, јас во вторникот се сретнав со нив, им ги посочив деловите во кои беше прекршен Уставот пред и на 24 декември, им ги презентирав и видеоснимките од исфрлувањето на пратениците и на новинарите од собраниската сала од страна на неидентификувани лица. Верувајте, не беа пријатно изненадени. Веројатно, за очекување е европратениците да повикуваат на смирување на состојбата и на враќање на опозицијата во парламентот. Но, по тепањето на опозициските пратеници тоа Собрание нема легитимност.
„Ваков настан се нема случено никаде во последните пет века. Замислете што би се случило ако нешто вакво би се дозволило во некој од парламентите на земјите од Европската унија. Замислете кога некој од тие мои колеги европратеници би бил исфрлен на начинот на кој бев јас.“
Доколку и се прифати да се оди на предвремени избори, со која програма би настапиле пред граѓаните. Сметате ли дека би се сменила власта?
Георгиев: Депласирано е да се зборува за предизборна програма во ситуација кога нема предвремени избори. До тогаш, во силе е изборната програма на СДСМ од 2011 година, делумно преточена во повеќе од 50 закони предложени од страна на СДСМ во Собранието, а сите до еден одбиени од владејачкото мнозинство. Што се однесува до анкетите, ќе ве потсетам дека непосредно пред изборите во 2011 година, анкетите одеа во размер 3:1 за ДПМНЕ, а изборите завршија со однос од само 1:1,19 за владејачката коалиција. Впрочем, ако е така како што велат анкетите, не гледам подобра причина за Груевски да распише предвремени избори.
Ќе има ли партиски конгрес на СДСМ во мај? Дел од медиумите велат дека неучеството на локалните избори ќе биде алиби да не се одржи конгресот во мај и да не се дискутира за изборите?
Георгиев: Конгресот во мај е редовен конгрес и не гледам зошто не би се одржал.
Но, постојат ли најави за смена на претседателот на партијата, сепак партијата на неколку пати има доживеано изборни порази?
Георгиев: Темата „Конгрес на СДСМ“ е сосема небитна во услови кога државата се крши под стегите на режимот на Груевски. Тоа е измислена тема од нашите политички противници. Ве уверувам дека никој во СДСМ во овие тешки моменти за државата не мисли на конгресот во мај. Па, еве погледнете, додека сме ние на улица, власта, мнозинството го смени собранискиот Деловник без консензус, па власта во живо ни покажува до каде е подготвена да оди. Нека им е со среќа.
Добро, ако нема предвремени парламентарни избори, вие ќе ги вратите пратеничките мандати, како што најавувате, а потоа ќе ги чекате редовните парламентарни избори за две години. Што до тогаш?
Јас сум убеден дека со вакво владеење Груевски нема да ги дочека редовните парламентарни избори. Во меѓувреме, народот сосема ќе ја види недемократската природа на овој режим. Ако Груевски сака апсолутна власт, еве му ја. Но, секако дека ќе дејствуваме на два начина. Битката за демократијата во Македонија продолжува преку притисок на улиците, облици на граѓанска непослушност и со барање предвремени парламентарни избори.
Игор Ивановски побара постојано набљудување од Советот на Европа како начин да се врати демократијата во Македонија.Нели е тоа меч со две острила? Нема ли државата да загуби во интегративните и во сите други процеси, враќајќи се години назад?
Георгиев: Државата ќе има непоправливи штети по случувањата на 24 декември. Тоа е круната на владеењето на оваа власт, тоа е вистинскиот „отчет“ на Никола Груевски. Што се однесува до Советот на Европа и до другите европски институции, ве уверувам дека тие се сосема свесни за тоа каква власт владее во Македонија. Впрочем, да почекаме, времето ќе го покаже тоа.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.