| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва ново издание на манифестацијата „Лица без маски“

Под мотото „Вистината е во средината“, вечерва во Универзална сала – Скопје, почнува седмото по ред издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.

Свеченото отворање ќе биде со мултимедијалната претстава „Плацебо“, на танцовиот театар на НБУ, чијшто потписник на режијата е истакнатата кореографка и режисерка од Бугарија, Ана Пампулова.

Годинешната програма како и во претходните изданија е насочена кон промоција на независни театри од Европа, а посебен акцент е ставен на македонската независна продукција.

– Се решивме за слоганот „Вистината е во средината“, зашто истиот кореспондира со претставите кои се застапени во официјалната програма на годинешниот фестивал. Тоа се претстави од европската, но и македонска независна професионална продукција, кои ќе ни понудат вистини кои не се црни или бели, леви или десни, наши или ваши. Тоа се претстави кои креираат нови светови – истакна Миодраг Костиќ, директор на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.

Селекторот на програмата на фестивалот Игор Ивковиќ, рече дека оваа година имаат есклузивна програма од единаесет театарски.

– Горди сме што годинава на програмата ги имаме истакнатите театарски работници како што се Ана Пампулова, кореограф и режисер од Бугарија, првото гостување на независниот театар „Континуо“ од Чешка, првото гостување на театар од Грцијана нашиот фестивал, од компанијата „Арт и медија зона“, кои доаѓаат со претставата „Исмини и Калипсо“ во режија на Ефи Мерваглоу, а тука се и пријателите од „Лудум, Лудум“, Србија, предводени од режисерот Петар Ристовски. Задоволство е што покрај нив, во натпреварувачката програма, ќе бидат и експресивниот буто-танц на Васил Зафирчев, „Трансферату“ во продукција на Интимен театар од Битола, „Проклетстовото на Виктор и на Викторија“ во режија на Војо Цветановски и „Три сестри“ на Теа Беговска – нагласи селекторот на програмата Игор Ивковиќ.

Последниот фестивалски ден е посветен на доделувањето награди. Во чест на гостите, ќе се одржи мултимедијалната промоција на книгата „Стрмоглаво кон височините“, на авторката Марта Маркоска, а организаторите, независната продукција „Театар 007“ ќе ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“.

За трите награди и тоа Гранд-при за претстава во целина, Наградата за најдобро актерско остварување и Наградата за најдобра режија, ќе решава тричлено жири во состав: Наташа Поплавска, режисер, Снежана Коневска-Руси, актерка и Иванка Апостолова, претседател на ИТИ Македонија.

– Среќни сме и задоволни што четврта година по ред Универзална сала е домаќин на ИТФ „Лица без маски“ и што заедно со Независната продукција „Театар 007“, создаваме проект, кој има голем интерес меѓу европските и светски театарски комапнии – истакна директорката на Унвиерзална сала, Вера Бошковска.

Дизајнот на наградите е на истакнатиот македонски вајар Зоран Тошевски.

Фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, со вкупен буџет од 600.000 денари.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top