| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ до Ристо Никовски: Многу би сакале да имавме држава од 1944, а не од 1991, но за жал не е така!

ВМРО-ДПМНЕ реагира на вчерашното отворено писмо на Ристо Никовски до медиумите во кое истиот тврди дека држава сме имале од 1944-та, а не од 1991. Ние многу би сакале да е така, но за жал не е.

Ние во 1944-та станавме федерална единица на друга држава. Тоа беше огромен чекор напред, за што несомнено заслуги имаат сите учесници во НОБ, Македонците и сите други, како што во тоа време ги нарекуваа, народи и народности. Огромна заслуга и придонес има и претходната повеќе од 40 годишна борба на ВМРО, но за тоа во друга прилика, сега да се задржиме на 1944-та и 1991.

Во 1944 се создаде државата Југославија, со своја валута, со своја значително централизирана власт, со официјален српски јазик, туѓ на нашиот, со членство во ООН, со граници, со своја војска, со свој пасош, со своја дипломатија, па ако сакате и со своја фудбалска репрезентација- југословенската. Ништо од ова немаше и не беше посебно македонско, ниту Македонија стана самостојна држава. Македонија направи огромен исчекор, и никој не го потценува тоа, но држава е кога е независна, кога има своја војска, своја валута, членство во ООН, одбележани граници од сите страни, свој пасош, своја дипломатија итн. Од 1991 година тоа го имаме, а претходно го немавме. Од 1991 година имаме независна држава. Држава е држава кога е независна, а не кога за најголемиот дел од одлуките чека на Белград. Сите ние, исто како и вие, пред 1991 година имавме југословенски пасоши, во графата државјанство пишувавме СФРЈ, а во графата националност Македонци или она што некој бил.

Имавме армија на Југославија, југословенска валута Динар која се печатеше и издаваше во Белград, нашата дипломатија беше југосовенска дипломатија. На пример вие до 1991 година не работевте во амбасадата на Македонија, туку на Југославија, навиваме за југословенската репрезентација во фудбал, кошарка, ракомет и другите спортови, оти македонска немаше и не смееше да има. Ние немавме македонска држава. Пак ќе повториме дека високо го вреднуваме и почитуваме подвигот на македонските партизани во НОБ, како и достигнувањата на АСНОМ кои секогаш и секаде ги афирмираме, славиме и празнуваме. Затоа што тие се за восхит и почит, и се голем успех на таа генерација. Но тогаш немавме независна држава. Независна држава добивме во 1991 година.

Зошто ни требаше референдум во 1991 година, ако веќе имавме држава. Зошто имаше дебати и зошто Бадентер даваше извештаи која република ги исполнила условите за независна држава после одржувањето на реферндумот и бројните декларации за независност усвоени во Парламентот. Затоа што дотогаш не бевме држава, туку федерална единка со по некој елемент на државност, но далеку од држава.Треба да бидеме реални. Треба да ги почитуваме сите историски епохи, особено од современата македонска историја, тргнувајќи од периодот пред и периодот на ВМРО, на НОБ, добивањето статус на федерална единка во СФРЈ, но не е добро да си ги преувеличуваме работите, или нереално да ги прикажуваме.

Точно е дека да не беше АСНОМ можеби немаше да биде ни 8-ми Септември, како што е точно дека да не беше 23-ти Октомври можеби немаше да бидат и едниот и другиот Илинден. Не случајно и партизанските чети и најистакнатите партизани носеа имиња и прекари на илинденците од 1903-та. Тие беа нивните херои.

Не случајно Тито се одлучи да ни даде статус на федерална единка. Тој беше современик на ВМРО. Тој растеше слушајќи за подвизите и борбата на ВМРО. Тој знаеше низ каков пекол помина Кралството СХС заради игнорирањето и потиснувањето на Македонците и нивните права.Тој знаеше што го чека ако повторно не прогласи за бановина или провинција без најмалку статус на федерална единка. Тој знаеше дека нема да има мир, бидејќи претходно гледаше и знаеше како 40 години ВМРО се бореше. Тој знаеше дека ако повторно го погази и игнорира стремежот на Македонците нема да има мирен сон. Тоа беа долги, исцрпувачки битки и битки полни со саможртва. Затоа се согласи нашиот статус да се подобри, иако не во тоа што тогашните генерации Македонци го посакуваа. И се тоа беше подем, се е тоа одење напред, со многу жртви и со успеси, но независна држава Република Македонија имаме од 1991 година, колку и да сакаме да е поинаку. Не е поентата на државноста во тоа дека само се избришал предзнакот социјалистичка, туку во се она друго што го кажуваме во оваа прилика.

А за улогата на комунистичката партија, да ве потсетиме дека мноштвото од македонскиот народ не зема пушка в рака заради комунизмот, туку заради националната слобода, борба против фашистите, заради продолжување на идеалите на ВМРО и за добивање на независна држава Македонија, која не успеа тогаш во целост да ја оствари, но направи сериозен исчекор напред, за во следната историска шанса, при распадот на СФРЈ, да се достигне крајната цел: слободна, независна, суверена и самостојана Република Македонија со сите атрибути на држава.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top