
На сцената на Младински културен центар (МКЦ) овој петок, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Ла Мама, Њујорк со што ќе биде отворено 39-тото издание на фестивалот Млад отворен театар (МОТ). Во рамки на фестивалот публиката ќе може да погледне бројни претстави од повеќе градови и држави, а на седум сцени низ Скопје.
Режисер на „Ла Мама“ е Елизабет Свадос која стои и зад музиката на претставата. Делото е музички приказ на животот на Елен Стјуард. Свадос, најдобро позната по својот бродвејски и меѓународен мега-хит, „Бегалци“, користејќи ги зборовите и искуствата на Елен, ја раскажува приказната за нејзиното долго и чудесно патување низ животот, како и за 50-годишната историја на театарот „Ла Мама“.
Диригент на претставата е музичкиот режисер Крис Кукул, а настапува и хор од изведувачи кои ја играат Елен, секој од нив изнесувајќи различен аспект од нејзиниот карактер.
Ова е прва претстава од продукцијата на Оф Бродвеј која гостува во Македонија. Промотивно, билетите за годинешниот Млад отворен театар во ограничен број ќе можат да се набават по цена од 150 денари од претстава веќе од овој петок се до почетокот на фестивалот.
Програмата за годинешниов МОТ ќе биде реализирана со буџет од 6 милиони денари, од кои 4,5 милиони денари се од Министерството за култура, а од Буџетот на Град Скопје за оваа намена се издвоени 1,5 милион денари.
Во сабота, во 20 часот во МКЦ, на репертоарот на МОТ е претствата „Алексис. Грчка трагедија“ , на авторите и режисери: Енрико Казагранде и Даниела Николо од Мотус, Римини. Проектот Сирма Антигони, започнат во 2008-ма година, произлегува од идејата за анализирање на врската, односно конфликтот помеѓу генерациите преку земање на трагичната фигура на Антигона како архетип за борба и отпор. Во сабота, во 22 ч. во Драмски театар-Скопје, на малата сцена, ќе биде одиграна претствата „The Beautiful“, авторски проект на Петар Милошевски.
Во недела, во 18 часот, на автобуската станица кај Симпо, во автобус на ЈСП ќе се одигра култната претстава „Контрола“, авторски проект на Теа Беговска. Еден час подоцна во 19ч. во МКЦ, ќе се одигра претствата „Јас сум… / I am…“ во изведба на членови на ДМБУЦ, Илија Николовски – ЛУЈ, Скопје, чијшто кореограф е Елена Антонова Петровиќ. Еден час подоцна во 20 часот во Театарот за деца и младинци, ќе биде одиграна претставата „Нашиот клас“ во режија на Владимир Милчин. Еден час подоцна во 21ч. на сцената во Т.Ц. „Зебра“, во кореографија на Рисима Рисимкин, членовите на Скопје танцов театар, ќе ја одиграат претставата „(О)ТЕЛО“. Еден час подоцна во 22 часот, на сцената на МКЦ ќе финишира овој македонски театарски ден со „Буто-перформансот“ на Васил Зафирчев, работен според Дневникот на хулиганот од Сашо Димоски.
Во рамки на 39-то издание на МОТ, годинава ќе настапат театарски трупи и групи од Белгија, Мексико, Хрватска, Словенија, но и од неколку македонски градови меѓу кои и Битола, од каде што доаѓа и претствата за затворање на фестивалот. Во петок, во 20 часот, во Универзалната сала-Скопје, ќе се одигра претставата „За домот се работи“ на НУ Народен театар, Битола, чијшто автор е Горјан Милошевски, а режисер, Мартин Кочовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


