| четврток, 6 декември 2018 |

Жулиет Бинош пристигна во Македонија

Бинош можеби е најголемата актерска ѕвезда што ја посетила Македонија со оглед на тоа дека таа во овој период е многу активно вклучена во светската промоција на филмот „Облаците на Силс Марија“, филм кој специјално за неа го напиша режисерот Оливие Асаја

Актерката Жулиет Бинош пристигна во Македонија. Таа слета на скопскиот аеродром „Александар Велики“ а утревечер ќе присуствува на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Бинош во моментов е најбараната актерка, а во Битола ќе присустува на проекцијата на филмот „Облаците на Силс Марија“, каде што таа ја толкува главната улога. Таа во Македонија ќе престојува три дена.

Бинош се вбројува во редицата ѕвезди што ја посетиле Македонија, како Викторија Абрил, Катрин Денев, Дерил Хана….

Со ова продолжува трендот на фестивалот „Браќа Манаки“ да го посетат големи филмски автори и актерски ѕвезди.

– Во последните шест години се трудиме да го збогатиме Фестивалот со реномирани актерски имиња почнувајќи од Викторија Абрил, преку Дерил Хана, Мики Манојловиќ, Кетрин Денев и мислам дека оваа година се надминавме себеси и се приближивме до ѕвездите, како што е и мотото на фестивалот – изјави Лабина Митевска, директорка на „Браќа Манаки“.

Таа потенцира дека Фестивалот во Битола досега немал таква гостинка.

– Досега не сме имале толку сјајна ѕвезда на „Манаки“. Лично, говорејќи за себе, мислам дека „ќе се стопам“ кога лично ќе ја запознаам – додаде Митевска.

Освен на отворањето на Фестивалот, Бинош ќе престојува во Битола и следниот ден, кога ќе одржи и предавање на „Браќа Манаки“ во траење од еден час.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top