Советот на Општинската организација на СДСМ од Охрид е против одлуката на Централниот комитет на СДСМ за бојкот на локалните избори, закажани за 24 март оваа година, пренесува охридскиот веб портал Инпрес.
На последната седница одржана на 11 јануари во Охрид, најавениот бојкот на изборите од страна на опозицијата со негодување бил примен кај дел од членовите на Советот, кои сметаат дека со тоа се доведува во прашање „извесната победа на опозицијата во Охрид“.
– Советот на ОО на СДСМ од Охрид бара од кандидатот на здружената опозиција Александар Петрески сериозно и длабоко да ја респектира кандидатурата која беше утврдена по легална постапка на органите на партијата, заклучил Советот на СДСМ од Охрид.
Од актуелниот градоначалник Петрески било побарано „третиот мандат“ ако треба да го избори и како независен кандидат, за што му била дадена едногласна поддршка од Советот. Во партискиот совет одбиваат каква било можност нивниот став да бил порачан од актуелниот градоначалник Петрески.
Истовремено, стои во писмениот документ, Советот ги поддржува предизборните активности на здружената опозиција.
Советот на Општинската организација на СДСМ од Охрид го води поранешниот пратеник и градоначалник од СДСМ Благоја Силјаноски. Членуваат и поранешни раководители на СДСМ и видни активисти. Инаку, актуелниот претседател на Општинската организација на СДСМ од Охрид Науме Јованоски е во сродство со Силјаноски, кој му е вујко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.