Американската агенција за вселенски истражувања НАСА објави дека на 7-ми септември на кусо растојание од Земјата ќе мине астероид со дијаметар од 20 метри, за кој се смета дека сепак не претставува закана за планетата, ниту за сателитите во нејзината орбита, пренесе Макфакс.
Ова небесно тело беше откриено на 31-ви август со помош на американскиот автоматски телескоп Pan-STARRS 1, поставен на врвот од вулканот Халеакала на островот Мауи во Хавајскиот архипелаг.
Од НАСА истакнуваат дека астероидот кој ја доби ознаката 2014 RC, максимално на Земјата ќе и’ се доближи на 7-ми септември во 14,18 часот по американско време на Источниот брег, или 20,31 часот по македонско време. Во тој момент астероидот ќе се наоѓа над Нов Зеланд и ќе мине на растојание од 40.000 километри, што е за 10 пати помалку од растојанието до Месечината.
Според научниците, астероидот ќе биде видлив од Земјата и со помош на аматерски телескопи.
По извесно време, пренесува порталот на НАСА, астероидот ќе мине повторно крај Земјата, исто така, на блиско растојание. Се истакнува дека во моментов не постојат прогнози за можи опасности, но научниците соопштија дека внимателно ќе ја следата натамошната траекторија на астероидот.
Небесни тела со вакви димензии често прелетуваат крај Земјата, меѓутоа катастрофи како резултат на нивно паѓање на површината од планетата се случува во просек еднаш во илјада години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


