Во насока на обезбедување услови за реализација на еден обемен и амбициозен инвестициски циклус на полето на водостопанството, заради подобрување на ефикасноста, ефективноста и продуктивноста на работењето и функционирањето на водостопанскиот сектор, обезбедување на стручен кадар за развој на дејноста, Владата на минатата седница реши дека е неопходно да се формира акционерското друштво за водостопанство на Република Македонија, посочи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
– Причините за оваа владина одлука се базирани на повеќемесечни анализи и испитувања, и консултации со субјекти од земјоделскиот сектор. Владата веќе објави дека во согласност со формулираната стратегија за водостопанство се планира еден многу обемен и амбициозен инвестициски циклус на полето на водостопанството, во висина од инвестиции од најмалку 20 милиони евра годишно за овие потреби на модернизација и развој, и тој циклус најефективно и продуктивно би можело да се реализира преку едно вакво централно и оперативно тело. Анализите покажаа дека во сегашната форма на организирање и работа на водостопанствата се забележуваат слабости од повеќе аспекти: системски, технички, финансиски, орагнизациски. Во согласност со процените на Бирото за судски вештања постојат три групи на постојни водостопанства категоризирани во согласност со нивната продуктивност и тоа водостопанства што остваруваат позитивни резултати и работат со добивка (Скопје, Битола, Прилеп и Радовиш), водостопанства што остваруваат добивка, но кои треба да преземат активности за подобрување на наплатата (Куманово, Кочани, Кавадарци и Струмица) и водостопанства што покажуваат послаби резултати (Берово, Гостивар, Гевгелија и Ресен) – посочи Ѓорѓиев.
Со создавањето на централно друштво се очекува да се надминат дисбалансите, би се оствариле услови за размена на стручни и технички знаења и би се остварила заедничката стратегија за развој. Исто така, ќе се обезбедат поголем број на кадровски зајакнувања и вработувања претежно со стручни лица за иден развој на оваа дејност. Како резултат пак ќе се обезбеди и подобрување на услугите кон земјоделците и подобрување на реализацијата на обезбедување на приходи.
-Ова друштво како највисок субјект во структурата ќе биде надлежно за засилување на капацитетите и спроведување на идните активности. Организациските делови на друштвото ќе бидат Дирекција и подружници. Како нова единица би се формирала Дирекцијата, а постојните водостопанства би се трансформирале во оперативни единици- подружници. Во регионите каде што нема формирани водостопанства или истите се нефункционални дополнително би се формирале нови подружници. Дирекцијата ќе ги врши стручно техничките, економско- финансиските и општите и заеднички работи за сите подружници – објасни Ѓорѓиев.
Новоформираното друштво ќе ги преземе дејностите кои се во надлежност на досегашните водостопански претпријатија со што ќе се централизира работењето. Претежните дејности на Друштвото се дејности од јавен интерес и се: снабдување со вода за наводнување, снабдување со вода на комунално претпријатие за водоснабдување за консумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) и технолошки потреби, снабдување со вода за индустриски (стопански) потреби, вклучувајќи и производство на електрична енергија, одводнување на земјиште, изградба и тековно и инвестиционо одржување на системите за наводнување и одводнување на земјиште и друго.
– Во рок од 30 дена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да изработи предлог-законот и да го достави на седница на Влада. Претходно по однос на предлог законот ќе бидат организирани јавна расправа и дебати со цел да бидат вклучени сите засегнати страни, да дадат свои мислења, предлози и идеи се со цел да се изготви квалитетно законско решение кое ќе ги задоволува потребите на учесниците во дејноста, ќе ги претпостави предизвиците и ќе даде решенија за нив и ќе понуди визија за модернизација и развој. Очекуваме дека со оваа одлука за формирање на акционерското друштво ќе се создадат подобри услови за обемните инвестиции во оваа сфера, ефикасно ќе се задоволуваат потребите на земјоделците и ќе им се обезбедат поголеми можности за раст на нивното производство од што интерес ќе имаат сите граѓани и економскиот развој на земјата- посочи владиниот портпарот Александар Ѓоргиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.