Германската канцеларка Ангела Меркел сака што поскоро решавање на отворените билатерални прашања на земјите од регионот, меѓу кои е и спорот за името меѓу Македонија и Грција, е наведено во завршната декларација по конференцијата за Западен Балкан која што се одржа во четвртокот во Берлин.
-Разговаравме за голем број проекти: изборите во Босна и Херцеговина, формирањето влада ќе биде повторно на дневен ред, ние ова ќе го поддржи но самите страни треба да покажат подготвеност и спремност, потоа Договорот меѓу Косово и Србија треба да биде финализиран, прашањето за името меѓу Македонија и Грција треба се реши и сето тоа бара одговор“, изјави германската канцеларка.
Претседателот на Европската комисија (ЕК) во заминување, Жозе Мануел Баросо пак порача дека земјите од регионот имаат реална европска перспектива, но она што им недостига во моментов е инфраструктурна поврзаност.
-Недостигаат врски како што се патишта, железница, енергетика, инфраструктурни инвестиции. Луѓето гледаат на она што се случува денеска во Берлин и тие сакаат да знаат дали перспективата за нивното членство е вистинска, а мојот одговор во улога на претседател на ЕК дека таа перспективата постои и сигурен сум дека денешниот самит помогна во создавањето и зајакнувањето на овој моментум“, рече Баросо.
Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи во името на балканските лидери кои присуствуваа на конференцијата, порача дека самитот во организација на германската канцеларка Меркел покажал дека регионот има европска перспектива.
Како дел од наведените заклучоци по одржувањето на самитот биле и проблемите со слободата на медиумите, независноста на судството, потоа корупцијата како и политичкото влијание врз економијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


