Бидете свои, искрени и отворени со луѓето. Не им ветувајте нешто што не сте сигурни дека можете да го исполните. Народот е поумен од нас, политичарите. Ако искрено му кажете дека нешто не може да ветите бидејќи не сте сигурни дека ќе го исполните. Ако во наредните 20 дена направите грешки, ќе направите штета. Тоа што го ветувате сега, морате да го исполните. Најмногу од ветеното треба да се оствари во првите месеци од мандатот. Народот затоа ни верува. Бидејќи создаваме дела, работиме и се грижиме. Тоа не разликува од нашите политички конкуренти. Тоа е причината зошто го одбравме слоганот „Одбери дела, Македонија се сака со дела“ – им порача Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на кандидатите за градоначалници од оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ денес ги промовираше кандидатите за градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на 24-ти март.
Премиерот им се заблагодари на сите актуелни градоначалници на кои им порача дека тоа што не се кандидати за градоначалници, не значи дека не сработиле, туку сите го дале својот максимум и остануваат потенцијален кадар за различни раководни функции во ВМРО-ДПМНЕ.
-Овие кандидати во најголем дел се идните градоначалници во Македонија. Сите тие се успешни луѓе. Едни како градоначалници, други во друга професија. Сите внимателно ги анализиравме, особено дали нивната успешност во една професија ќе ја применат и во градоначалничката. Јас се обидов да наметнам нови стандарди во македонската политика. Стандарди кои го мерат учинокот. Од овие стандарди назад нема. Народот се навикна на отчет, на транспарентно работење. Народот се навикна на живот со непрекидни реформи. Овие луѓе зад мене знаат дека само со дела и работа можат да напредуваат. Помина времето на празни говори. Или работиш чесно или губиш. Многумина ги добиваат своите 5 минути, само од нив зависи дали ќе ги искористи. Си мисли некој “Блисок сум со врвот, немам гајле“.Ако не си блисок со народот, ако не ги исполниш неговите очекувања, имаш гајле. Се друго е демагогија.Нема политички живот на стара слава – додаде Груевски.
фото: Александар Ивановски (Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.











