| четврток, 6 декември 2018 |

СЦ „Борис Трајковски” со нови пониски цени и пакети

2Спортскиот Центар „Борис Трајковски” со претставувањето на новиот менаџмент најави и новитети, кои се добредојдени за сите граѓани кои спортуваат и се рекреираат во најголемиот спортски центар во Република Македонија. Пониски цени, нови пакети со комбинација на неколку спортски активности, како и можности за тим билдинг активности се само дел од новата понуда која се воведува со пристигнувањето на новиот директор Златко Перински.

Воведувањето новини со пристигнување на новиот менаџмент е процес, кој, се разбира, е во интерес на граѓаните и веруваме дека ќе придонесе кон дополнително зголемување на интересот за содржините во СЦ „Борис Трајковски”. Ова е најголемиот спортски центар во Републиката, со огромен број содржини и можности, па истиот мора да е достапен за што поширок број граѓани. Токму затоа започнуваме со нова понуда во форма на промотивни пакети, кои се инспирирани од мисијата на СЦ „Борис Трајковски” – поттикнување на спортувањето и водењето здрав живот, рече Златко Перински, новиот директор на спортскиот центар.

Со промените ќе биде опфатен и аква паркот, кој воведува низа новитети во работењето, особено во делот на цените на билетите.

-Аква паркот добива нови пакет цени – воведуваме фамилијарен билет за четиричлено семејство што ќе чини 1.000 денари. Дополнително, билетите за децата под 13 години ќе бидат намалени на 200 денари. А, конечно, се воведуваат и групни билети за групи кои ги сочинуваат повеќе од 30 посетители и на кои ќе има попуст од 30 проценти. Со ова ќе се даде дополнителен импулс граѓаните да дојдат и да го посетат единствениот аква парк ко Скопје- додаде Перински.

Денеска беше претставена и првата понуда која вклучува повеќе содржини, услуга за која граѓаните беа заинтересирани подолг период, како месечен билет со кој ќе може да се посетува теретаната, базенот, но и да ја користат сауната во склоп на фитнес центарот. Цената за сите три содржини на месечно ниво изнесува 2500 денари, со комбинирано користење.

-Новото работно време на базенот, од 07:00 до 24:00 и на фитнес центарот од 07:00 до 23:00, кое официјално започнува од 1 септември е дополнителна среќна вест за сите посетители на центарот и љубители на спортот, така што сите рекреативци во текот на оваа сатница ќе може да спортуваат согласно нивните секојдневни работни обврски”, дополни Перински.

Најавено е и пуштањето во употреба на новата интернет страница на спортскиот центар за почетокот на месец септември. Таа ќе биде лесно достапна за граѓаните кои таму ќе можат да ги најдат последните информации и новитети што ќе бидат воведени во работењето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top