| четврток, 6 декември 2018 |

Посебни редари да се грижат за безбедноста на натпреварите – бараат навивачите

vecito-derbi-komiti-policija-m
Навивачките групи денеска од МВР побараа подобра координација во однос на тајмингот на нивно влегување и излегување од стадионите за време на натпреварите. Тие истакнале дека сакаат и треба да им биде овозможено да бидат присутни во текот на целиот натпревар. Ваквото барање, според миистерката Гордана Јанкуловска е прифатливо. Имало и предлог за процесот на организација на натпреварите во смисла на подобра координација со МВР во делот на проценка за бројот на обезбедувачи од приватните агенции или редари кои можат да придонесат за поголема безбедност, односно да создадат услови во кои МВР не би имала потреба да реагира.

– Низ дискусијата со претставниците на навивачките групи дојдовме до одредени заклучоци, имаше сугестии од нивна страна и препораки за нас кои се прифатливи, а се однесуваат на третирање на проблематиката за одржување на спортските натпревари. Во таа смисла можам да кажам дека за нас е прифатлива нивната иницијатива за специјализирање на лица во МВР за спортската проблематика. Иницијативата е добра, ќе направиме анализа во однос на тоа дали да се оди со посебна организациска единица или само со тимови или поединци, но секако дека предлогот и сугестијата ќе ги прифатиме. Нашата цел денеска беше да разговараме за отворените прашања и да бараме решение за нив за да создадеме атмосфера на спортските терени каде што се повеќе ќе се враќа публиката, а единствена грижа на спортистите ќе бидат постигнатите резултати. Мојата главна поента кога станува збор за спортот е дека се до оној момент додека сите ние заедно како претставници на МВР, клубовите, навивачките групи јасно и недвосмислено не го осудиме насилството на спортските натпревари за кое не постои никакво оправдување ќе имаме проблем и со спортските резултати и со присуството на публиката на терените. Верувам дека после оваа средба ќе има прогрес на овој план и работите кои ги договоривме низа заедничка дискусија ќе бидат реализирани, истакна министерката за внатрешни работи.

Посочи дека било разговарано и за фактот дека одговорноста за спортскиот натпревар ја има организаторот на натпреварот. Ако станува збор за натпревар од националното првенство, рече, тоа е клубот, кој е домаќин, ако е натпревар на националниот тим одговорна е Федерацијата, така што во тој дел треба да се направи реална проценка колкава е потребата од присуство на припадници на приватните агенции за обезбедување за тие да ги имаат на располагање ресурсите кои се потребни зависно од степенот од ризик на натпреварот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top