Првите камиони од рускиот конвој со хуманитарна помош за источна Украина денеска минаа преку рускиот граничен премин на руско-украинската граница.
ИТАР-ТАСС јави дека станува збор за четири камиони кои веќе се наоѓаат во меѓуграничната зона меѓу Русија и Украина, а руски и украински цариници почнале со содветните цариски процедури, поврзани со камионите и нивниот товар.
Конвојот приближно една недела беше блокиран во близина на руско-украинската граница, затоа што Украина стравуваше дека со него Русија може во земјата да внесе и воена техника за проруските сепаратисти.
Москва се обидува да го отстрани овие сомневања и соопшти дека само сака „да ги олесни страдањата на луѓето од источна Украина, кои преживуваат тешка хуманитарна катастрофа“.
Во меѓу време, портпаролот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Андриј Лисенко денеска соопшти дека петмина украински војници загинале, а 21 се ранети во последните 24 часа во судри со проруските сепаратисти во источна Украина.
Лисенко пред новинарите изјави дека армијата продолжува да се бори со сепаратистите во Иловајск и неговата околина, иако, според него, градот е под контрола на украинските сили.
Жестоки борби продолжуваат и во Луганск, градот кој цели 19 дена се наоѓа под опсада на украинската армија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.