Според проценките на европските тајни служби, неколку илјади млади од Европа веќе се приклучиле на борците на ИС. Терористите ги користат сите софистицирани системи за финансирање од Западот.
– Дојдете кај нас, ништо нема да ви недостасува и уште ќе учествувате во создавање на новата историја во слава на Алах – така некако би се протолкувале пораките кои на социјалните мрежи ги поставуваат припадниците на Исламските држави ИС, моментално најопасна, најмоќна и најбогата терористичка група во светот. Британскиот весник Дејли Меил собрал многу такви пораки и тоа што е најинтересно, токму на Британки и Британци кои од Островот заминале во Сирија и Ирак за да војуваат за новиот калиф Абу Бакр ал-Багдади.
Така на една фотографија објавена на Твитер, борец се фотографирал во некоја продавница со тегла Нутела. – Ни санкциите на Нутела и Чупа Чупс не можат да го ослабат моралот на платениците на ИС. Нутела халал (значи, дозволена според исламските правила).
Освен тоа, британските муслимани даваат и низа совети на своите сограѓани кога ќе се одлучат на пат кон членство во ИС.
– Спакувајте многу малку работи. Тука можете да најдете облека, но задолжително со себе понесете дополнителен полнач за мобилен телефон. И да бидам искрен, нема ништо толку важно што треба да го понесете со себе, освен неколку добри патики. Но, покрај советите за мажи, тука се и совети за жени.
Добри патики
Имено, неколку десетици Британки веќе се наоѓаат во калифатот и тие исто така праќаат пораки на своите сограѓанки.
– Да тука нема добри чевли, а се чини дека имаат само три броја. Значи, понесете добри патики. Сметајте дека тука зимите се многу студени, јас доаѓам од северот на Британија и сепак ми беше ладно. Но, нема проблеми со шампоните, сапуните и други женски потреби. Не се грижете, нема тука да живеете како во пештера. Живеам во поголем луксуз од што очекував – пишува една Британка од калифатот.
А тука се и фотографии на маси преполни со разни јадења, секако тие кои исламот ги дозволува, како дополнителен повик кон младите да се упатат во Сирија и Ирак и да се приклучат на калифатот.
Постојат и веб страни на кои заинтересираните можат да поставуваат прашања кои ги мачат и на кои веднаш стигнуваат одговори.
Така едно момче заинтересирано за борба прашува каде е најдобро да се купи калашников. Одговорот е јасен – ги има на пазар во Турција и чинат околу 1000 фунти за парче, доста скапо, бидејќи тоа на терористите им е најдобро оружје, а на црниот пазар може да се купи и многу поевтино. Борците пак своите идни колеги ги советуваат таму да купат и ножеви, бидејќи тие кои се на располагање во калифатот и не се толку добри.
Значи, се работи за многу софистицирана група за финансирање пред се на млади луѓе, посебно од Европа, за да можат да се соберат во што поголем број. Според проценка на европските тајни служби, моментално во трупите на ИС војуваат неколку илјади лица. Велика Британија оценува дека таму се 900 нејзини државјани. Франција зборува за најмалку 700, има борци од Италија, Германија и БиХ. А се намамуваат на сите начини.
Курсот на фунтата
Така едно момче прашува дали таму важат фунтите. А му одговараат: – Да, тука можат да се разменат многу поволно.
Продолжува: Дали треба пред доаѓање да научиме арапски? – Ма само дојди, брзо ќе го разбереш, освен тоа тука можеш и да студираш – му одговараат. Панцири има колку сакате и ефтини се, само 100 долари во продавница со воени потрепштини.
Но, покрај овие совети и напатствија, терористите од калифатот не го кријат ни својот брутален карактер.
Објавуваат фотографии на кои се гледаат исечени глави на противниците, се фалат колку луѓе убиле, а еден од нив објавил навистина застрашувачка порака:
– На овој заробеник многу долго му ја сечевме главата. Ми се чини дека ножот не беше доволно остар.
Преку веб потоа нивните фанови бараат да ја постават фотографијата, а тој одговара дека има само видео, но не смее да го постави бидејќи некои од соборците биле без маски на лицата. Значи, внимателно се пази и на деталите.
Мајки и жени
На девојките пак јасно се дава до знаење каков живот ќе имаат во калифатот. – Секојдневието се врти околу готвење, чистење, грижа за децата. Ние сме создадени да бидеме мајки и жени – порачува една Британка која исполнувањето на својот сон го нашла во редовите на ИС. Девојките отворено се повикуваат да дојдат и да бидат жени на терористите за да ја исполнат својата животна заклетва: да се биде жена на борец кој во текот на денот ќе убива и сече глави, а таа дома ќе му подготвува вечера кога ќе се врати изморен навечер.
Колку сето тоа да делува нереално, факт е дека бројот на припадниците на ИС постојано расте. Кога ја покренаа летната офанзива во северен Ирак, се проценуваше дека ги има околу 10.000, а сега се смета дека можат да бидат и околу 30.000 (некои проценки говорат дури и за 50.000). Им пристапуваат млади луѓе од исламските земји, неодамна Индонезија и Малезија ги засилија контролите за да спречат заминување на млади во борба во редовите на ИС, посебно сиромашните на кои им се нудат автомобили, домови, добри плати и вечна слава и лагоден живот во задгробниот живот. Значи, само дојдете, борете се и умрете за нас, а другото е наша грижа.
Што има, а што нема во калифатот
Има
– Добра храна
– Oблека
– Хигиенски потрепштини
– Панцирки (можат да се купат за 100 фунти)
Нема
– Нутела
– Добри чевли (а имаат само три броја)
– Добри патики
– Полначи за мобилни телефони
– Доволно калашникови (можат да се набават во Турција за 1000 фунти)
– Ножеви (има, но се лоши)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.