| четврток, 6 декември 2018 |

Париз има проблеми со „катанците на љубовта“

Како што јави дописникот на МИА од Париз, во очекување на трајно решение, градот Париз се справува со феноменот како што може. Техничките служби на градот редовно ги проверуваат оградите на мостот и ги заменуваат кога постојат ризици да паднат под тежината на катанците.

Истовремено, се проучува можноста да се заменат постоечките огради со огради на кои не ќе биде можно да се закачи ништо. Но, претходно градот Париз треба да го убеди архитекот за заштита на културно-историските споменици за промена на оградата, бидејќи мостовите се класирани како архитектонско-култруно наследство.

Наместо катанци, од општината предлагаат да се прават селфи фотографии, кои би биле објавувани на Твитер со објаснување „љубов без катанци“. Засега не се размислува да се премине во репресија и казнување на вљубените и така Париз е град на љубовта, останува да се види дали заљубените ќе преминат со нивните пораки на интернет.

Инаку, пешачкиот мост на Уметноста се наоѓа наспроти Лувр и од него се има една од најубавите глетки на Париз, па не е ни чудно што вљубените откако ќе го заклучат катанецот на оградата, клучот го фрлаат во Сена. Во очекување на решението, бројни љубовни двојки се уште ги заклучуваат катанците, без да водат сметка дека овие мали или големи катанци ги оштетуваат париските споменици. Секој од нив смета дека нивниот катанец нема да го урне мостот.

На туристите пред се им смета тоа што немаат место каде да го закачат нивниот катанец. До таа мерка што катанците започнуваат да се шират и на другите мостови на Сена, најупорните најдоа средство да ги закачат и на дрвените штици ставени да ги заменат оштетените огради, а вашиот известувач забележа дури и на заштитените мрежи на Ајфеловата кула.

Додека градот се труди да најде решение за катанците, продавачите на сувенири ги тријат рацете, покрај традиционалните париски сувенири, тие сега продаваат и катанци.

Според некои слободни проценки, на оградата на мостот на Уметноста биле закачени околу 54 тони катанци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top