„Точка“ е добропознат збор од воената терминологија, поим кој го знае секој што служел воен рок, дали во ЈНА (како „тачка“) или во АРМ. Се однесува на недостатоци кај регрутот или војникот. Во неговото досие, доколку има недостатоци, физички или психички, тие се опишани со т.н. „точка“ дефинирана со одреден број, кој, всушност, е ознака за неговиот недостаток. Се даваат при прегледите што се одвиваат пред неговата регрутација или, пак, ги заслужувате во текот на воениот рок. Така имате посебна точка или број кој означува дека регрутот има проблем со тежината, премала или преголема, точка за слаб вид или, пак, интелигенција во горните граници на потпросечноста.
Случајно или не, но македонската опозиција се реши да дејствува токму преку „точки“ или барем така јавно соопшти во една од последните изјави по илинденските понуди на државниот врв за обединување на партиите во име на повисоките, национални и државни интереси. „Петте конкретни точки за преговори што ги бара СДСМ се дел од стратегијата за дејствување што ја најави лидерот на партијата Зоран Заев откако беа вратени пратеничките мандати во Собранието на Република Македонија“, ова беше еден од последните коментари на луѓето од Бихаќка на прашањето која е нивната стратегија и што се случи со најавите за работа на терен. Така, довчерашните „теми“ преминаа во „точки“. Кога сите очекуваа влади во сенка, пандани на постојниот парламент, протести и чуда од опозицијата, тие своите активности ги сведоа на „дејствување“ со точки?! Шегобијците ќе речат – па и шахот е спорт…
Како и воените, така и една од нивните точки го покажа најголемиот недостаток. Точката со број 5 е „техничката влада“, основниот проблем кој стави крај на преговорите меѓу власта и опозицијата. Во воената класификација на недостатоците, таа точка би означувала недостиг на смисла за комуникација или војник кој бескрајно се преценува себеси и своите можности и капацитети, во превод потпросечен регрут кој мисли дека е комбинација на Рамбо и некој од ликовите на Чак Норис. Случајно или не, но токму оваа нереална точка број 5 на СДСМ почна тивко и незабележително да исчезнува и да се губи од менито на преговарачката маса…
Илинден, конечно, го извади Заев во јавност
Прикаската за вадењето на „точките“ како уникатен стил на партиско дејствување почна со Илинден. На виделина ги извадија токму пораките на државниот врв, кој во име на големината на празникот и обединувачката нишка содржана во него, со подавање рака се обиде да допре до СДСМ и до нејзиното раководство, чиј лидер токму Илинден го извади од „илегала“. За потсетување, цел месец пред големиот празник, македонската јавност се прашуваше каде исчезна Зоран Заев, кој, освен со две партиски соопштенија, напишани од неговиот тим на Бихаќка, исчезна во акција. Сите шушкаше дека заминал на одмор, но никој не сакаше да поверува дека во така „лоша“ ситуација за државата, каква со сите сили се обидуваат да ја претстават, по непризнавање на резултатите на избори и којзнае кој бојкот по ред во една и пол година, некој би се осмелил на таков непромислен чин. Сепак, откако сите размислија за непромисленоста на партиските потези во изминатите месеци, ова не беше големо изненадување, туку целосно се вклопи и „легна“ во сторијата за револуционерите со апанажа. Замислете го само Че Гевара или Кастро, за какви и се претставуваат, спружен со сламена шапка и коктел в рака на Копакабана во екот на најголемите битки, каква, според Бихаќка, би требало да биде актуелната на СДСМ. Како и да е, по еден месец во улога на „невидлив лидер“ или, сепак, само доброситуиран турист, Заев се појави на Илинден во Крушево.
И власта и опозицијата ѝ се обратија на јавноста со говори и со честитки по повод најголемиот македонски празник. Некој со стотици реченици на повеќе полиња, друг со цели шест реченици. Првите зборуваа за вековната борба и за идеалите пресликани од нашите револуционери и илинденци од 1903 и од 1944 година, проблемот со Грција, идентитетските небулози наметнати од јужниот сосед, апелираа до политичките конкуренти за прекин на поделбите по партиска база и класификацијата на „ваши“ и „наши“, па сè до пораките во духот на Крушевскиот манифест за меѓуетнички соживот. Другите, пак, кратко, во недостиг од идеи или силната револуционерна потреба од одмор и сончање на некоја плажа, побараа „слобода“ за граѓаните и ја пренесоа загриженоста и нагласената „конечна“ потреба од напредок на Република Македонија на патот кон ЕУ и кон НАТО. Тие што милуваат да се самонарекуваат државотворна партија, на понудената рака за помирување и на потребата за национално и натпартиско обединување во име на повисоките цели повторно одговорија кратко со фамозни шест реченици, кои, очигледно, се стандардниот лимит, определен од максимално дозволениот фонд на зборови и реченици во партијата.
Еволуција на СДСМ – од техничка влада до фер услови за избори
Најновата преокупација на скопската уличка е како јавноста да заборави на барањето за техничка влада. Пожелна би била една колективна амнезија на македонската јавност во периодот од 27 април, па сè до денеска, но, бидејќи желбата е невозможна, мисијата налага игра со поинаква квазипсихологија. Прашањето е дали колективното заборавање и враќањето во Собранието би значеле и заборавање за „грешните“ пратенички кои дејствуваа либерално и самостојно и не ја прифатија играта на врхушката со одбивање на мандатите.
Во играта со постапната амнезија, полека, но сигурно т.н. основно барање на СДСМ или точка 5 сè поретко се споменува и сè почесто се заменува со описни зборови кои имаат сосема поинакво значење. Процесот на носење на техничката влада во заборав трае речиси еден месец и е резултат на странските, но и на сè поголемите внатрепартиски притисоци кои ја доведуваат партијата до точка на пукање по рабовите. Проблемот, сепак, е преголем за така лесно да се проголта и заборави едно толку големо и „основно“ барање.
Промената на речникот на СДСМ беше најочигледна во илинденските преписки и пораки со власта. Серијата одговори во кои мистериозно исчезна какво и да е споменување техничка влада почна со одговорот на илинденската порака на премиерот, во која Груевски, меѓу другото, од Пелинце им порача да седнат и да разговараат отворено и директно како понатаму, со разумни барања, за кои вети дека се подготвени да ги прифатат. Изнесе и подготвеност, доколку вината е кај нив, да ја прифатат одговорноста, но и тие да помогнат во градењето на тие мостови.
„Докторите за извртување“ од СДСМ, подадената рака ја дочекаа со потсмев и од сето кажано заклучија дека Груевски срамежливо си ги признал грешките, но ниту абер од техничката влада. „СДСМ е подготвен за разговори и дијалогот треба да почне. Меѓутоа, доколку Груевски смета дека барањата за обезбедување фер и демократски избори се неразумни, договор нема да има“, соопштија од Бихаќка, повторно однапред осудувајќи го можниот дијалог, условен директно со исполнување на нивните барања.
Комуникацијата во која терминот „техничка влада“ срамежливо продолжи да исчезнува кај Бихаќка следуваше и по обвинувањата на премиерот дека од дрвото не ја гледаат шумата и оти, воден од теснопартиски интереси, СДСМ ѝ прават штета на државата. Одговорот од Бихаќка беше речиси идентичен со тој на илинденските пораки за обединување, но сега му порачаа на Груевски дека тој бил на потег. Заев, пак, изјави дека бил подготвен за дијалог, но под услов од ВМРО-ДПМНЕ да биле искрени во намерите. Истиот тој малку претходно ја одби иницијативата на претседателот Иванов за седнување на иста маса со Груевски. И во двата случаи немаше ниту збор од техничка, а не, пак, од влада.
Промената во вокабуларот и смирениот тон кај лидерот од Бихаќка познавачите на состојбите ги протолкуваа како доказ дека СДСМ, полека но сигурно, се обидува да излезе од статус-квото наметнато од сопствените нереални барања и неисполнети очекувања од акција на меѓународната заедница, која требаше да му „помогне“ да се врати на власт и да го оправда бојкотот на изборните резултати. Токму затоа, велат аналитичарите, во речникот на СДСМ сè поретко се слуша зборот „техничка влада“, туку сè почесто се работи за фразата „обезбедување услови за фер и демократски избори“. По сè изгледа дека оваа еволуција во вокабуларот на социјалдемократите ќе заврши со враќање во парламентот, но сега проблемот е како да се откажат од нелогичното барање, а притоа пред јавноста да не излезат како тотални губитници.
Добар чин за чистење на „лошата крв“, а опозицијата се однесува како дете во продавница за играчки
Државниот врв, претседателот Иванов, премиерот Груевски и собранискиот спикер Вељаноски на Илинден побараа обединување и ѝ подадоа рака на опозицијата. Секој на свој начин – Иванов преку компарацијата на институциите создадени на АСНОМ и потребата од нивното почитување, Груевски преку барањето за обновувањето на мостовите и прекин на дневно-политичките игри, Вељаноски со повикот за престанување со поделбата на „ваши“ и на „наши“. Познавачите на состојбите се зачудени од односот на опозицијата. Политичкиот аналитичар Александар Пандов вели дека ако веќе не сакаат да помагаат, тогаш барем нека не одмагаат, а вака се однесуваат како деца во продавница за играчки. Доцент д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, пак, посочува дека со пораките на Илинден, власта ја покажала политичката зрелост и одговорност и понудила добар начин за чистење на „лошата крв“, но опозицијата сè уште не може или не сака да ги стави националните над партиските интереси.
Пандов: Таа подадена рака јас не ја гледам само како можност СДСМ да стане од калта во која се најде, туку и како можност – во едни политички многу турбулентни времиња кои се случуваат на европската, а и на светската политичка сцена – да седне на иста маса со ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да донесат стратегија за клучните предизвици пред кои ќе биде исправена Македонија во идно време. Пораките што беа испратени од државниот врв беа дека постојат оправдани сомневања оти бурите и ураганите што беснеат по северна Африка, Блискиот Исток, кавкаскиот регион, а и во Украина, многу лесно може да ги задува некој лош ветар и да се најдат над нашето небо.
Во пораките, вели Пандов, е потенцирана подготвеноста на институциите на државата да се спротивстават и да ги спречат таквите можни сценарија, но, секако, дека државата и нејзините институции се посилни кога сите политички играчи се единствени по стратешките прашања.
Пандов: Зачудува моментот што во ситуацијава двете албански политички партии покажуваат многу поголема свест, посветеност и лојалност кон државата отколку СДСМ. Во таква ситуација повеќе од инфантилно е однесувањето на раководството на СДСМ кое и натаму инсистира на занимавање со дневна политика. Премиерот Груевски направи најдобра компарација – занимавајќи се да се отплеткаат од неколку дрвца, не можат да ја видат цела шума. За мене, секако, е за издвојување и пораката – ако веќе не сакаат заеднички и единствени да ги решаваат предизвиците, тогаш нека не одмагаат и за ситни интереси се продаваат и помагаат на луѓе и организации кои не ѝ сакаат добро на Македонија. Апсолутно разочарувачко беше соопштението на СДСМ кое беше како да живееле и славеле некој друг празник и во друга држава!
Додовска, пак, смета дека ако излеземе од тесниот фокус на кратката видливост и од комфорната зона на „затворените заедници“, ќе имаме прилика да согледаме еден навистина широк спектар на сериозни проблеми со кои се соочува современата македонска држава и однатре и однадвор. Последниот период, вели Додовска, имавме можност да бидеме сведоци на една долготрајна и исцрпувачка политичка криза, вештачки создадена од страна на македонската опозиција, која ако ја проанализираме посериозно, ќе видиме дека како единствена цел го има, на овој или на оној начин, соборувањето на актуелната власт во државата и нејзиното враќање на водечката политичка сцена.
Додовска: И тоа не е ништо ново, впрочем, за истото повеќепати досега имам говорено, но она што мене ми е особено интересно и кое можам поконкретно да го елаборирам, првенствено тргнувајќи од општо познатите теоретски одредници кои афирмативно потврдуваат дека за едно либерално и демократско општество не е нелегитимна целта на освојување на власта, туку, напротив, таа е логична и фундаментална во јавното политичко дејствување. Во сегашнава ситуација тоа што мене лично ме загрижува е содржано во фактот дека истата таа цел е единственото нешто што го има за цел актуелното раководство на опозицијата, предводена од СДСМ. Во услови кога нема клима кај македонскиот електорат за нивниот политички концепт, за кој во суштина никогаш до крај и не разбравме што е и дали воопшто постои и во ситуација во која водечките политички ентитети на врвот на опозицијата имаат катастрофално лош рејтинг (кога говорам за тоа, не мислам само на двоецот Заев-Шеќеринска, туку истото се однесува и на останатите лидери од овој блок), во овие услови, повторувам, желбата да се преземе власта е илузорна и таа навлегува во една крајно сериозна патолошка состојба исполнета со нерационални и беспредметни дневно-политички конструкции кои дополнително го разјадуваат кревкото македонско државно ткиво.
Оттаму, цени Додовска, пораките за помирување и за соработка меѓу позицијата и опозицијата, кои беа упатени од страна на државниот врв на Илинден, се јасен сигнал дека власта во Република Македонија сериозно ги разбира условите во кои се наоѓа нашата држава и дека со истиот гест ја демонстрира својата политичка зрелост и политичка одговорност.
Додовска: Таквиот начин на однесување е прифатлив, води кон унапредување и развој на македонската држава и претставува добра основа да се исчисти лошата крв меѓу политичките противници за јавната политика да се одведе на вистинскиот пат на кој политичката борба ќе се води врз база на концепти, развојни идеи и активно дејствување во јавниот простор, кој, според мене, е најинтересниот и најсилен адут кој може да го има една опозиција која претендира да стане власт.
Првичната реакција на лидерот на СДСМ, таа ја оценува како формална, недефинирана и бледа, а причините ги гледа во недефинираноста и неискристализираната концепција во неговиот блок за тоа што имаат намера да направат за Република Македонија.
Додовска: Од целиот политички капацитет со кој располага овој блок досега видовме само ниски, дневно-политички конструкции, речиси никаква политичка програма, недефинирана платформа за политичко дејствување, беспредметни обвинувања, уцени и обиди за спроведување насилство врз институциите на системот. Сето тоа говори дека македонската опозиција во овој момент сè уште не е подготвена да ги стави државните интереси пред личните теснопартиски интереси, а првиот и најјасен сигнал за тоа е недефинираното политичко обраќање и игнорирањето на политичкиот дијалог од страна на врвот на опозицијата за време на едно од најважните државотворни чествувања.
Донкихотското во СДСМ и тврдоглавоста како политичка мана
Комуникацијата што следуваше во натамошниот дел од прикаската, иницирана од илинденската понуда за помирување, по што следуваше насочување на водата на воденицата од Бихаќка, за Пандов наликува на однесување на дете во продавница за играчки.
Пандов: Јас подолго време во однесувањето на СДСМ не можам да видам ни стил, ни пристап, ни стратегија, ни воденица. Тоа што можам да го видам кај СДСМ е однесување на мало дете пред продавница за играчки, кое вреска за да ја добие посакуваната играчка. Лошата работа кај овој тип деца е тоа што тие и на следниот излог за играчки се однесуваат исто како и пред претходниот, без разлика дали ја добиле играчката или не.
Оттука, според Пандов, воопшто не чуди тоа што на повиците на ВМРО-ДПМНЕ за заеднички државен настап, СДСМ и натаму говори за својот личен партиски интерес. Едноставно, вели тој, луѓето, а и по ваков голем национален празник, не можат да се надминат самите себеси и да погледнат подалеку од рамките на партијата.
Пандов: Тие ловат, а и натаму ќе ловат ветерници, вртелешки и воденици. Не можам да се сетам кога последен пат сме слушнале од нивна страна некој конструктивен и конкретен предлог за спроведување на некоја политика која ќе го подобри живеењето во Македонија. Мислам дека македонските граѓани нема да дочекаат уште подолг период промена на овој курс од страна на СДСМ, а со тоа и на партиите што гравитираат околу нив.
Вистината секогаш се прифаќа тешко, особено ако сте на страната на тие што длабоко погрешиле, вели Додовска, според која, така е на меѓучовечко ниво на комуникација, а истото важи и меѓу политичките ентитети.
Додовска: Лично сметам дека тврдоглавоста и исклучителноста водат кон непоправлива горделивост, а тоа е најстрашната судбина која еден политички фактор може да си ја определи самиот на себеси. Од тие причини, политичката борба на СДСМ со задоцнет рок на дејствување и потпрена врз принципот поставување на контратези е најбрзиот начин да се онеспособи текот на следење на настаните и преку нив претендираат, претпоставувам, тие да се деформираат до степен во кој ќе се загуби секаква смисла за натамошна дискусија. Тој принцип е лош бидејќи, повторно ќе речам, нема никаква здрава основа и во перспектива претставува еднонасочен пат. Оттаму лично сметам дека никому не му е дозволено несериозно да си игра со судбината на македонските граѓани, а на Бихаќка мора, конечно, да научат дека почитта мора да се заслужи!
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)