Еден немил инцидент, како што беше оној што се случи во кафулето „Њу Орлеанс“, не смее и нема да го скрши духот на Старата скопска чаршија, смета Мухедин Брава-Мујо, претседател на здружението ЕСНАФ на Старата скопска чаршија.
Чаршијата, конечно, низ својата историја доживувала и поголеми хаварии, но успеала да опстане и да го задржи она што најмногу ја одликува и најмногу и доликува – чаршискиот, еснафскиот дух. Свесни сме, сепак, дека ваквите вандалски инциденти, колку да се изолирани и единечни, колку и да одат против чаршискиот дух можат да нанесат непроценлива штета на работата на Чаршијата, особено во овие времиња кога меѓуетничките односи се движат по тенката линија на изолационизам и непријателства.
Затоа и не треба со овој чин да се манипулира по било каква политичка, a особено не по политикантска линија. А сведоци сме дека постојат обиди тој да се злоупотреби за наводни „повисоки проотитети“, за распирување на омразата меѓу луѓето, од што најголема штета ќе има токму Чаршијата и, во крајна линија, нејзините бројни посетители од земјата и светот.
Секоја манипулација со овој случај значи можност за повторување на вакви и слични инциденти и контра-инциденти, а тоа значи дека ако Чаршијата низ својата историја успеала да преживее и војни и пожари, и поплави и земјотреси, навистина би било глупаво сега да попуштиме и да дозволиме нејзиниот дух да го уништи група загреани глави (млади луди години), односно некои центри на моќ што веднаш гледаат да го искористат случајот за свои краткорочни и многу опасни цели. Затоа ова писмо е апел ,да ја собереме целата позитивна енергија, сите ние еснафите, политичарите, граѓаните, посетителите, занаетчиите и да застанеме во одбрана на Чаршијата“, вели Брава во писмото до јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.