
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган е обвинет за „расистичка навреда“ кон Ерменците, откако во едно интервју изјави дека е „грозно“ да бидеш наречен Ерменец.
Во интервју за турската телевизија НТВ, Ердоган се пожалил дека опозицијата води против него „оцрнувачка кампања“ тврдејќи дека тој нема турско потекло.
– Ме нарекуваат Грузиец, но тие (опозицијата) велат и погрозни работи, па тврдат дека сум Ерменец – рекол Ердоган за НТВ.
Изјавата на турскиот премиер за тоа дека е „грозно да те наречат Ерменец“ е дадена на само неколку дена пред неделните претседателски избори во Турција, во кои Ердоган е главен фаворит, па таа предизвика бурна реакција во домашната јавност,а посебно кај опозицијата и во социјалните медиуми.
Претставник на опозициската Републиканска народна партија го обвини Ердоган дека продолжува со своите говори на омраза, не оставајќи ниту една етничка група во Турција да остане без навреда. Дури и претставник на ултра десничарската партија Национално движење (УХП) го осуди „расистичкиот“ коментар на премиерот, објаснувајќо дека „не е грозно да си Еременец“.
Овој претставник смета дека ваквата изјава претставува кривично дело според турските закони. Турскиот новинар со ерменско потекло Хаико Багди во својата реакција,порачува дека Ердоган треба да биде претседател на некоја друга земја, а не на Турција.
Опозицијата забележува дека оваа најнова навреда, овој пат кон Еременците, само потврдува дека актуелниот премиер за претседателските избори игра на „етничката и религизоната карта“ настојувајќи да ја обезбеди целосната подршка на своите сунитски приврзеници.
Во Турција живеат околу 70.000 Ерменци, главно во Истанбул и тие за себе тврдат дека се третирани како граѓани од „втор ред“. Во текот на Отоманската Империја во земјата имало милионско ерменско малцинство. Ерменците тврдат дека врз 1,5 милион припадници на оваа етничка заедница е извршен геноцид, во текот на 1915 и 1916 година, но во Турција се прифаќа само дека 500.000 Ерменци настрадале во борбите, во текот на Првата светска војна и од глад,отфрлајќи ги обвинувањата за геноцид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


