Дел од јавноста во БиХ и во Србија ја осуди ослободителна пресуда од Трибуналот за воени злосторства на ОН во Хаг за поранешниот генерал на Југословенска армија, Момчило Перишиќ, пишува „Дојче веле“ на македонски јазик.
Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ја поништи пресудата од 27 години затвор за поранешниот началник на Генералштабот на Jугословенската армија Момчило Перишиќ, донесена од претходната инстанца и донесе ослободителна пресуда по сите точки на обвинението.
Генерал Перишиќ ќе биде пуштен од притворот на ОН во Шевенинген уште денеска. Шеесет и осумгодишниот Перишиќ се обвинуваше за помош при воени злосторства на српските милиции за време на балканските војни, меѓу нив и масакрот од Сребреница. Перишиќ во 2005 година самиот се предаде на судот и постојано тврдеше дека е невин. Тој во периодот од 1993 година до 1998 година беше шеф на Генералштабот на југословенската армија под претседателот Слободан Милошевиќ
Ослободителната пресуда за семејствата на жртвите, собрани во здруженија, претставува дополнителен нож в грб и доказ дека се работело за политички суд: „Никој во БиХ не можеше ниту во сон да замисли дека ќе се случи ваков пресврт и сметам дека ова е скандалозно. По изречена казна од 27 години, сега е изречена ослободителна пресуда. Овој Трибунал загуби секаков кредибилитет, особено кај жртвите“, вели Фадила Мемишевиќ од Здружението за загрозени народи на БиХ.
Претседателката на Здружението на мајките од Сребреница, Мунира Субашиќ, која пресудата ја чекаше во судницата, исто така, смета дека се работи за политичка пресуда. „Мислам дека овој Перишиќ е одговорен за сè, зашто сè што се случи во БиХ, Хрватска, Косово, сето тоа се случуваше од Србија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.