На Градскиот стадион вчера под „Тумбе кафе“ во Битола, за време на одигрувањето на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на ФК „Пелистер“ од Битола и ФК „Вардар“ од Скопје, беше регистрирано нарушување на ЈРМ. Настанот се случил околу 90-тата минута, односно 2 минути пред крајот на натпреварот, кога се слушнала силна експлозија во трибината каде била сместена навивачката група „Комити“.
Имено, согласно досегашната пракса при ваквите натпревари, за да не дојде до судир меѓу двете навивачки групи, на гостинските навивачи им било укажано први да го напуштат стадионот. Откако одбиле доброволно да ја напуштат трибината, 10-ина минути пред завршувањето на натпреварот била издадена усна наредба за потиснување на навивачката група „Комити“ кон излезот на стадионот. Со потиснување на масата било пристапено од полициските службеници со штитови. Во еден момент се слушнала детонација на експлозивна направа која била активирана од страна на еден од навивачите по што настанал метеж. Биле повредени повеќе лица, кои од страна на навивачите биле извлечени за укажување на прва помош. Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале 8 лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди и 7 лица со лесни телесни повреди.
Повредените лица биле примени во Клинички центар „Др.Трифун Пановски“ Битола, каде им била укажана медицинска помош. Станува збор за: Г.Н.(1977) од Скопје, кој се здобил со ТТП и бил препратен во Скопје, додека со лесни повреди се здобиле С.Г.(1990), К.Г.(1983), З.К.(1977), Г.К.(1980), Д.Б.(1983), Б.Д.(1991) и Ф.А.(1985) сите од Скопје. За време на вршење на службени задачи повредени се и четири полициски службениции.
СВР Битола изврши увид на местото на настанот, при што е подигнат материјал, кој ќе биде испратен на понатамошно Вештачење во МВР на РМ, а истрага ќе спроведе и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Извршен е разговор со докторите и со тешко повредениот. Според првичниот исказ на медицинските лица, таков вид на повреда не можела да се случи доколку повредениот не ја држел, односно не ја активирал шок бомбата во рака.
Од страна на СВР Битола превземени се потребните мерки и активности и во консултација со ЈО издиференцирани се 7 кривично-правни настани, од кои за 4 ќе бидат поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „Напад на Службено лице при вршење работи на безбедноста“ и една кривична пријава за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“, додека за останатите 3 кривично- правни настани СВР Битола ги превзема потребните мерки и активности за откривање на сторителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.