| четврток, 6 декември 2018 |

Алтхаус, Пенезиќ, Лазовиќ…, ЖРК Вардар ги претстави новите адути за атака на титула во ЛШ

Третопласираната екипа во Европа, во Лигата на шампионите, ЖРК Вардар има повисоки цели за новата сезона, а новите засилувања што ги претстави денеска ветуваат атака на самиот ракометен врв во женскиот ракомет на стариот континент.

Индира Кастратовиќ ќе ги има на располагање искусните и екстра-квалитетни ракометарки Ања Алтхаус од Турингер, Андреа Пенезиќ и Барбара Лазовиќ, кои дојдоа од Крим и руските интернационалки Олга Черноиваненко и Алена Ихнева кои пристигнаа од рускиот клуб Лада.

Засилувања за уште посилен тим, што ќе може да им парира на сите конкуренти за титулата во Лигата на шампионите.

– Атмосферата во екипата е одлична, а знам дека дојдов во голем клуб. Верувам дека добро ќе се вклопам во тимот и дека ќе го дадам својот максимум за остварување на нашите цели. А тие се високи, го сакаме трофејот во Лигата на шампионите – изјави Андреа Пенезиќ.

Rakometarki Vardar 03 (Custom)

Таа е стандардна репрезентативка на Хрватска, а игра како лев бек и е една од најдобрите на планетата на таа позиција. Одлично засилување за Вардар ќе биде и Германката Ања Алтхаус, еден од најдобрите пивоти во женскиот ракомет.

– Многу сум среќна што сум тука, атмосферата е пријателска, сите ракометарки се позитивно расположени. Среќна сум што ќе играм во Лигата на шампионите како дел од еден силен тим каков што е Вардар и се надевам дека ќе ги оствариме зацртаните цели – изјави Алтахаус.

Rakometarki Vardar 04 (Custom)

Вардар ги претстави и десниот бек Лазовиќ и двете руски ракометарки Ихнева и Черноиваненко.

– Имам убави впечатоци за Скопје, ракометарките добро ме прифатија, така што останува да одиме чекор по чекор, да не најавувам премногу и се надевам дека сѐ ќе биде како што треба. Не чуствувам никаков притисок и не се плашам од конкуренција бидејќи тоа, според мене, е добра работа. За тоа кој ќе игра одлучува тренерот – изјави Лазовиќ.

Rakometarki Vardar 05 (Custom)

Вардарки до 5 август ќе тренираат во Скопје, а потоа заминуваат на подготовки во Австрија. Од 22 до 24 август ќе учествуваат на турнир, чиј домаќин ќе биде европскиот шампион Ѓер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top