Нов скап потфат со купување на извонредниот колумбиски играч за врска Џејмс Родригез приреди раководството на Реал Мадрид. Целиот „пакет“ и ангажман на извонредниот 23-годишен фудбалер ќе ги чини „кралевите“ околу 80 милиони евра, што е четврти најскап трансфер на сите времиња. Десеткратниот европски шампион е убедливо најдобар потрошувач и држи три од петте најскапи трансфери во историјата на фудбалската игра. Герет Бејл, Кристијано Роналдо и сега Родригез се број еден, два и број четири, а меѓу нив се Луис Суарез и Златан Ибрахимовиќ.
Филозофијата на Реал Мадрид е да ги купува најдобрите и најскапи фудбалери, а моќта на клубот и парите на спортскиот симбол на Шпанија му дозволуваат немилосрдно да троши стотици милиони на засилувања.
За нив не е изненадување што ги имаат направено шест од дваесетте најскапи трансфери на сите времиња, четири од нив во ерата на претседателот Флорентино Перез.
Историски, во Реал играле величини од калибарот на Алфредо ди Стефано, Ференц Пушкаш, Паул Брајтнер, Нецер, Бекам, Мијатовиќ и стотици други фудбалери-странци што чинеле многу пари, но приказната на „кралскиот клуб“ со трошење баснословните суми за засилувања, сепак, почнува на стартот од овој милениум.
Лесно е за клуб што само од продажба на билети во последните 5 сезони остварува во континуитет добивка меѓу 150 и 200 милиони евра, што е најмногу од сите клубови на светот, а има и најдобра продажба на дресови, околу 1,5 милион парчиња во сезона.
Шокантен трансфер на Фиго од Барса во Реал вреден рекордни 62 милиони евра
Во 2000 година Флорентино Перез го победи актуелниот претседател на Реал Мадрид Лоренцо Санц на изборите и го исполни неверојатното ветување дека ќе го донесе Луис Фиго од редовите на лутиот ривал Барселона. Популарните „меренгоси“, како што се нарекуваат навивачите на Реал Мадрид, му веруваа на Перез и не погрешија. Тие што имаат право на глас на изборите за претседател на„кралскиот клуб“ одлучија Флорентино да биде нов прв човек на најтрофејната екипа во Европа, според бројот на европски трофеи, а Перез си го исполни ветувањето.
Веднаш по изборите, во јули замина во просториите на шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) и ја плати клаузулата за португалскиот играч вредна околу 62 милиони евра. Во тој период беше речиси незамисливо фудбалер од Барселона да премине во Реал Мадрид, но Перез го стори невозможното и го доведе Фиго на „Сантијаго Бернабеу“.
Пред 14 години тоа беше рекорден трансфер и највисока сума што некој клуб ја платил за играч. И тоа убедливо најмногу за тој период и сè уште во топ 20 на сите времиња.
Фиго веднаш одигра брилијантна сезона, постигна 14 погодоци за Реал Мадрид и во 2001 година ја доби наградата на ФИФА за најдобар фудбалер на планетата. Претходната година во ноември, најмногу благодарение на прекрасните игри во Барселона, ја доби и „Златната топка“ иако во тој момент беше играч на Реал Мадрид. Фиго остави впечатлива трага во двата клуба, а со одличните игри потполно го оправда потегот на Перез да плати неверојатни 62 милиони евра за да го доведе во Мадрид.
Политиката „Галактикос“ урива рекорди, Зидан во белиот дрес за 75 милиони евра
Политиката што ја наметна Перез, популарно наречена „Галактикос“, во 2001 година постави нов рекорд. Создавањето галактички клуб со најдобрите играчи на планетата на едно место го чинеше Реал Мадрид нов екстра-скап трансфер, а на „Сантијаго Бернабеу“ пристигна волшебникот Зинедин Зидан. Францускиот репрезентативец со алжирско потекло ја испразни касата на Реал Мадрид за 75 милиони евра и го урна рекордот на Фиго од претходната година.
Зизу дојде во Мадрид од Торино, од редовите на Јувентус, и во следните пет сезони ја покажа светската класа. Тој е избран од УЕФА како еден од најдобрите 50 играчи на сите времиња, а со Реал освои сè што можеше да се освои. Зидан со „галактичарите“ се искачи на врвот на Европа со триумф во Лигата на шампионите во 2002 година по триумфот во финалето против Баер Леверкузен. И повторно скапата инвестиција на Перез потполно се исплатеше, и тоа на најдобар можен начин со трофеи. Голот на Зидан во финалето против „фармацевтите“ од Леверкузен е еден од најубавите во Лигата на шампионите, Реал освои и титула во шпанското првенство во ерата на Зидан, фудбалските фанови го избраа за најдобар европски играч во последните 50 години, се редеа титули и поединечни признанија за асот на Реал и на Франција, кои го доведоа на листата меѓу десетте најдобри фудбалери на сите времиња.
Пристигнаа и Роналдо, Бејл и Родригез, а кралската каса за неполни 15 години се испразни за милијарда евра
Речиси цела стотка во милиони евра мадридскиот клуб плати за Кристијано Роналдо во 2009 година. Или точно 94 милиони евра, што повторно го врати Реал на врвот како клуб-рекордер според висина на сумата што ја платил за ангажман на еден играч. Често се коментира дали воопшто вреди да се плати толкава сума за фудбалер или воопшто за спортист, но популарниот „CR7“ одлично си ја врши работата. Роналдо израсна во еден од најдобрите фудбалери на планетата, неговото ривалство со Лионел Меси се крена на ниво на легендарно, а на полето на продажба на дресови, билети, на маркетиншки план и, најважно, со успесите во дресот на Реал ангажманот на Кристијано повторно се покажа како полн погодок. Гигантот од Мадрид со Роналдо во тимот ја освои европската „Ла Десима“ или јубилејната десетта титула во Лигата на шампионите, има и домашни трофеи, и од купот и од првенството, а и поединечните признанија не го одминаа Португалецот.
Но, Реал не би бил „кралски клуб“ ако не направи нов мегатрансфер. Лани за 100 милиони евра во Мадрид од Лондон „слета“ велшкиот репрезентативец Герет Бејл. И веднаш во првата сезона имаше огромен придонес во десеттата титула во Лигата на шампионите. Реал Мадрид по 12 години пауза стана европски првак со скапите ѕвезди во тимот Роналдо и Бејл, кои заедно чинеа 194 милиони евра. Проектот не застанува во Мадрид, на „Сантијаго Бернабеу“ за 80 милиони евра пристигна бисерот од Кукута, Џејмс Родригез. „Десетката“ е негова, а очекувањата од 23-годишниот играч за врска се огромни, кој беше најдобар стрелец на мундијалот во Бразил. А, навивачите на Реал Мадрид веќе прашуваат кој е следниот на списокот екстра-скапи фудбалски инвестиции на Флорентино Перез и на раководството на Реал Мадрид.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Критијано Роналдо синоќа израмни историски рекорд на Раул, Реал М. прв стигна до 6 000 гола во Примера
-
Продолжува мизеријата на Реал: „Кралевите“ елиминирани од Купот на Шпанија на сред „Бернабе“(видео)
-
Нов кикс на Реал Мадрид, Селта му извлече бод на фаворитот (видео)
-
Пет гола за едно полувреме: Севилја настрада на „Сантијаго Бернабе“ (видео)