| четврток, 6 декември 2018 |

Фрај: Посетата на Нимиц не е рутинска, Германија може да помогне

Германија со нејзината големина и значењето во ЕУ, но и во светот, природно има можност и обврска во споровите да посредува, да модерира и да ги доведе до конструктивен крај, вели Торстен Фрај, пратеник во Бундестагот и известувач за Македонија на ЦДУ-ЦСУ, одговорајќи на прашање на Дојче веле дали и како можат Берлин и канцеларката Ангела Меркел да помогнат за да се реши долгогодишниот грчко-македонски спор за името.

fraj

– Ова се однесува како во случај кога се погодени нејзините сопствени интереси, така и кога станува збор за спорови во рамките на ЕУ, кога една членка на ЕУ е вовлечена. Во минатото ова посредство во различни точки беше успешно применето. Потсетете се, на пример, на различните кризни жаришта на Блискиот Исток. Германија и натаму ќе се ангажира секаде онаму каде е возможно и каде има смисла за подобрување на нарушените добрососедки односи, истакнува Фрај. Претстојната средба во Берлин на 28 август на канцеларката Меркел со премиерите, шефовите на дипломатиите и министрите за економија на земјите од Западен Балкан, според него, ќе биде добра можност за размена на мислења, едновремено и во доменот на спорот за името.

– Со конференцијата се покажува дека Германија може да ја исполни улогата на посредник и знае да ја искористи улогата на домаќин. Искуството покажува дека тогаш има можност на крајот да се постигне некаков напредок, вели Фрај. Последната посета на медијаторот Метју Нимиц на Скопје и на Атина, Фрај ја оценува како корисна, а не само рутинска.

– Во една комплицирана ситуација каква што е расправијата околу името меѓу Македонија и Грција, важно е одново и одново да се даваат импулси за решение од трета страна, во случајот од ОН. Сигурен сум дека господин Нимиц на двете страни јасно им ги предочил очекувањата за добрососедски односи. Посетата ја гледам пред се’ како знак дека ОН и покрај бројните кризи во Газа, Украина или Африка, не го ставаат во втор план решавањето на спорот со името. Значењето на темата се потврдува и со тоа што посредникот лично ги посети двете земји. Значи станува збор за личен ангажман кој носи поинаква динамика која не може да се замени преку писмени барања или унилатерални декларации – вели Фрај.

Прашан дали Нимиц по 20 години неуспешни обиди може да направи пробив во спорото за името, тој истакнува дека суштината на преговарањето и подготвеноста за решението е во рацете на одговорните од Македонија и Грција, а не во промената на специјалниот посредник. Торстен Фрај на почетокот на септември доаѓа во посета на Македонија, а целта, како што посочува е да добие поширока слика за политичкиот и општествениот развој на земјата.

– Планирам да разговарам со претставници на владата, на опозицијата, на меѓународните институции во земјата и на граѓанското општество. Теми на моите разговори ќе бидат економските и реформите во правниот систем, доближувањето до ЕУ и секако спорот со името – изјави Фрај за ДВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top