Милитантните исламисти во Сомалија стрелале една муслиманка затоа што таа одбивала да биде забрадена надвор од својот дом, соопштија нејзините најблиски, одбивајќи да се идентификуваат затоа што стравуваат од одмазда.
Роднините тврдат дека Рукија Фара Јароу била насила изведена од својата куќа и веднаш потоа била стрелана, со два истрела од огнено оружје.
Инцидентот се случил во јужниот сомалиски град Хосингоу, а егзекуцијата, според изјавите на сведоците, ја извршиле припадници на милитантната исламистичка група Ал Шабаб.
Оваа група, која е дел од терористичката мрежа на Ал Каеда на Рогот од Африка, војува со сомалиските сили и против единиците на Африканската Унија за да создаде од Сомалија исламистичка држава, во која ќе се применуваат само одредбите на шеријатското право.
Претставник на Ал Шабаб ги демантира обвинувањата дека е извршена егзекуција на жената тврдејќи дека тоа не е точно.
– Нашата група нема ништо заедничко со убиената жена затоа што ние немаме целосна контрола во регионот каде што се случило убиството – рекол претставникот.
Демантот на Ал Шабаб покажува дека оваа милитантна група не е повеќе компактна и единствена како досега и дека постојат отцепени делови од групата кои изгледа дејствуваат на своја рака.
Несреќната жена била сопруга и мајка и нејзината вина била само во тоа што неколкупати ги одбила притисоците на исламистите да биде целосно покриена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



