| четврток, 6 декември 2018 |

ФФМ со кампања „100% фудбал“ против национализмот и насилството на терените

169823_makedonci2_f

„100% фудбал“ е името на кампањата за борба против национализмот и насилството на фудбалските терени која Фудбалската федерација на Македонија денеска ја промовираше во пресрет на почеток на пролетниот дел од националното фудбалско првенство.

Целта на оваа кампања е да се стави крај на се’ позачестените инциденти и вулгарни скандирања како на натпреварите на националната репрезентација, така и во рамките на националното фудбалско првенство.

– Почитувањето треба да е клучен принцип. Да се почитува играта, да се почитуваат правилата, судиите, противниците, навивачите. Да се почитуваат разликите. Нашата порака е јасна: нема толеранција за насилството. Место за национализмот на трибините нема. Фудбалот треба да ги обединува луѓето по сите основи, да ги промовира различностите и да повикува на меѓусебно почитување, рече Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија.

Во рамките на кампањата „100% фудбал“ планирани се повеќе активности. Некои од нив беа реализирани неодамна, како борбата против местење на натпревари за чија цел ФФМ одржа семинар за фудбалските судии (22-24 февруари 2013, Охрид).

На 22 февруари во Скопје пак беше одржан Собир на делегати каде покрај тестот за утврдување на знаењето и вообичаените активности, важен акцент беше ставен врз целите на кампањата „100% фудбал“ кои ќе бидат основни принципи при одржувањето на натпреварите во натамошниот дел од фудбалското првенство, а за чија организација во целосна смисла се задолжени делегатите.

Кампањата која има за цел да трае се додека постои потреба од борба против насилство и национализам, предвидува и промотивни активности кои Федерацијата ги најави за претстојниот период во кои учество ќе земат и фудбалери од националната репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top