| четврток, 6 декември 2018 |

Убиено 25-годишно момче во Скопје

policija-lenti

Дваесет и петгодишниот Али Реџепи починал откако вчеравечер, 36-годишниот Суат Бислими го удрил со метална прачка по главата. Убиството се случило во скопската општина Шуто Оризари на улицата Патрик Лумумба.

Според првичните и сѐ уште неофицијални информации, до убиството дошло по претходна расправија меѓу Али и Суат, кој бил очув на девојката на сега веќе починатото 25-годишно момче. Имено, Суат во полиција пријавил дека неговата поќерка е грабната и го навел Али како грабнувач. Подоцна вечерта, тие двајца се сретнале по што настала жестока расправија која кулминирала со тепачка. Во еден момент, Суат со метална шипка го удрил Али по главата по што тој паднал на земја. Со фрактура на черепот итно бил префрлен во Ургентниот центар, каде што утрово околу 2 часот починал.

Полицијата веќе го има обезбедено Суат, кој најверојатно ќе одговара за тешки телесни повреди со последица смрт.

Скопје оваа година има дебел црн билтен. Пред неколку месеци во Аеродром беше убиен еден бизнисмен од источна Македонија. Само еден ден подоцна, во скопско Ново Лисиче, возач на ЈСП ја застрела својата девојка, по што се самоуби. Потоа во скопско Ѓорче Петров беше убиен матурантот Ангел Петковски, а пред неколку недели Игор Спасовски Боксач уби две сестри во Аеродром, по што се самоуби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top