Опозицијата е под силен меѓународен притисок откако Собранието ги усвои измените на Изборниот законик и го пролонгира рокот за поднесување на кандидатските листи до 3 март. Од денеска во Македонија е известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит а неофицијално се најавува и посета на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе. Аналитичарите коментираат дека нивната посета е со единствена цел, да ја вратат опозицијата во изборниот процес и дека целиот притисок ќе биде насочен кон промена на последната одлука на Централниот одбор на СДСМ, со која партијата излезе со конечна одлука за бојкот на изборите.
Извори на Press24 велат дека голема е можноста, протисокот на меѓународниот фактор да го предомисли Црвенковски и тој во последен момент да ги повика своите функционери да ги поднесат кандидатурите и да учествуваат на избори. Во таа насока оди и желбата на многу од актуелните градоначалници како и на оние кандидати со поголеми шанси да освојат градоначалничка фотеља или советничко место, да се учествува на избори.
Вчера и струмичкиот градоначалник Зоран Заев јавно призна дека не се согласува со бојкотот иако изјави дека нема да се кандидира на локалните избори бидејќи е лојален член на СДСМ и ја почитува одлуката на највисокиот орган на партијата.
Вчера и Црвенковски пред членството во Велес потврди дека се уште постои можност партијата да се појави на избори.
Како што објавува Плусинфо, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски истакнал дека очекува промена на ситуацијата, а доколку таа не се случи, тогаш опозицијата ќе ја нема на локалните избори исто како што премиерот Никола Груевски го нема последните денови да се изјасни за политичката криза
До истекот на продолжениот рок за поднесување на кандидатските листи има уште помалку од 4 дена. Токму во овој период ќе треба да се донесе конечната одлука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.