| четврток, 6 декември 2018 |

Стопанството закрепнува, кредитирањето расте

кредит

Стопанството закрепнува, банките го одврзуваат ќесето. Зголеменото кредитирање треба да ја динамизира економската активност. Заклучно со мај, кредитите забележуваат раст од 7,6 отсто, што е повеќе од априлските проекции на Народната банка од 7,3 отсто, анализира Лидер.

– Податоците за кредитниот пазар за мај 2014-та покажуваат значително забрзување на кредитните текови, во поголем дел насочено кон корпоративниот сектор. Кредитните текови се нешто подобри од очекуваното во рамки на последните проекции. Од друга страна, динамиката на раст на депозитната база е умерена и нешто послаба од очекувањата. Однесувањето на банките на кредитниот пазар сигнализира постепено подобрување на очекувањата на банките и нивните оценки за ризичниот профил на кредитната побарувачка. Воедно, овие движења укажуваат и на преносниот ефект од досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, поради што е потребно време за да се оцени постојаноста на позитивните придвижувања на кредитниот пазар – ова е заклучокот од последната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Растот на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал од годинава, проследено со позитива во градежништвото од 13,7 отсто, и контунираниот раст на индустриското производство од стартот на годината се економски показатели кои укажуваат дека кризата е зад нас и е време за позасилен економски раст, кој треба да биде проследен и со забрзано кредитирање.

– Очекувам зголемената економска активност да го поттикне кредитирањето. Според она што јас го следам, банките се уште перцепираат одредени ризици во економијата, а тоа е причина да прават кредитно рационализирање, односно, и покрај  тоа што банките располагаат со средства, потешко му ги одобруваат тие средства на стопанството. Сепак, генерална тенденција е со растот на економијата сè повеќе да забрзува и кредитирањето – смета универзитетскиот професор, Марјан Петрески.

Сепак, ризиците се присутни. Трендот на пораст на нефункционалните кредити продолжи и годинава. Заклучно со мај, нивото на спорни побарувања достигна речиси 460 милиони евра, 27,4 милиони повеќе од април.  За да одврзат ќесето, банките мораат да бидат сигурни дека проектите за кои се бара пари се профитабилни и исплатливи.

– Кредитирањето расте затоа што прогнозите за обнова на економскиот раст во Р. Македонија и во еврозоната се позитивни. Меѓу кредитниот раст и растот на БДП постои взаемна врска, и оттука се нашите очекувања за забрзување на кредитирањето. Сепак, очигледно не е доволно фирмите сами да ги подготвуваат проектите. Потребно е партнерство меѓу фирмите и банките. Ние како Шпаркасе, голем број од проектите што ги финансиравме, ги реализиравме на начин што, првите проекти дојдоа од фирмите, потоа пресметките ги правевме заеднички, и кога двете страни се убедивме дека станува збор за профитабилни проекти влеговме во процесот на финансирање –  објаснува првиот човек на Шпаркасе Македонија, Глигор Бишев.

Според податоците на НБРМ, заклучно со 31 мај, на кредитниот пазар се забележува позначително забрзување на кредитната активност кон приватниот сектор. Кредитните текови, регистрирани на крајот на мај, претставуваат најсилен месечен раст од почетокот на кризата, пред сè како резултат на фактот што повеќе пари им биле одобрени на компаниите.

11,5 отсто нефункционални кредити во 2013-та

Банкарскиот сектор во 2013-та ја задржа финансиската стабилност. Првата половина од годината мина во знакот на зголемување на нефункционалните кредити што придонесе да се намали квалитетот на кредитното портфолио. Сепак, до крајот на годината банките успеале да наплатат дел од спорните побарувања, за на крајот стапката на нефункционални кредити да достигне 11,5 проценти. За годинава приоритет – нивото на спорни побарувања да не се зголеми. Според податоците, во мај годинава, фирмите и граѓаните им должат 3,9 милијарди евра на банките.

Наскоро свежи пари од ЕИБ

Македонското стопанство е пред нова финансиска инјекција. За околу две недели треба да почне одобрувањето на евтините кредити од четвратата линија обезбедена преку Европската инвестициска банка. Нови 100 милиони евра ќе му бидат ставени на располагање на бизнис секторот. 70 проценти од средствата се наменети за инвестициски проекти, остатокот за обртни средства. Првите 15 милиони евра од четвртата кредитина линија ќе ги добијат 60 компании, кои треба да отвора нови 185 работни места. Најголем дел од фирмите кои ќе земат од евтините кредити се од преработувачката индустрија, но има и од секторите трговија, транспорт, градежништво.

– Ова ќе биде добра финансиска помош за компаниите кои веќе аплицирале или аплицираат за користење на овие средства, а она што е најважно за македонската Влада, ќе се отворат нови работни места и ќе се вработат граѓани на Р. Македонија – објаснува владиниот гласноговорник, Александар Ѓорѓиев.

До крајот на годинава планирано е да повлечат 40 милиони евра, а останатите средства ќе се распределат во 2015-та. Со четвратата кредитина линија од 100 милиони евра треба да се отворат вкупно 2.150 работни места.

Првите три кредитни линии, вредни 250 милиони евра, се покажаа како главен носител на стопанството во време на криза, кога многу тешко се доаѓаше до финансии. На компаниите им беше фрлен појас за спасување, се поддржаа 1.219 проекти на мали и средни претпријатија и се отворија 5.303 нови работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top