Поаст на кредитирањето на претпријатијата е забележано на пазарот во ноември 2015 година. Во последниот извештај на НБРМ се наведува дека вкупните кредити во ноември се повисоки за 7,9 отсто, што е над проекцијата во октомври за четвртиот квартал од 7,7 отсто.
Во однос на септември, вкупните кредити се повисоки за 2.503 милиони денари, што претставува 37,2 отсто од проектираниот пораст за четвртиот квартал во согласност со октомвриската проекција.
Според НБРМ, структурата на кредитирањето во ноември покажува пораст на кредитите на претпријатијата наспроти забележаното намалување во претходниот месец и натамошен пораст на кредитите на домаќинствата со умерено послаба динамика во споредба со претходниот месец.
Заклучно со ноември е остварен близу 40 отсто од проектираниот кредитен пораст за четвртиот квартал.
Остварениот годишен пораст на вкупните кредити во целост произлегува од зголемувањето на денарските кредити, додека девизните кредити бележат пад на годишна основа.
Во ноември учеството на нефункционалните кредити забележи умерено намалување во однос на претходниот месец и изнесуваа 11,2 отсто.
Пораст, според објавениот извештај, е забележан и кај депозитите, кој во неомври се должи на порастот на депозитите на домаќинствата од 42 проценти, главно, во странска валута. Пораст натаму бележат и депозитите на корпоративниот сектор, но забавен споредено со претходниот месец.
На годишна основа, вкупните депозити во ноември се повисоки за 6,5 проценти. Состојбата на вкупните депозити е речиси на ниво на проектираната за крајот на годината што според НБРМ упатува на можно натфрлање на октомвриската проекција за крајот на четвртиот квартал од 3,7 проценти.
Во извештајот стои дека економијата имала пораст и во третиот квартал, во согласност со октомвриската проекција. Носечки сектор било градежништвото, а од аспект на побарувачката, структурата на порастот упатува на домашната побарувачка како клучен носител на економскиот пораст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.