Мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец. Активните мерки за вработување даваат резултати. Според последните податоците на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност се спушти на 28,4 проценти, на историски најниско ниво, пишува Лидер.
„Од 2007-та до денес, над 64 илјади граѓани ги посетиле мерките кои се реализираат преку Агенцијата за вработување, било да се работи за обука кај познат работодавец, за добивање грант, за кретитирање или субвенционирање. Постигнавме околу 34 илјади вработувања, а во овој момент се вработени над 24 илјади граѓани. Тоа е висок процент на вработувања. Годишно, од четири до пет илјади граѓани кои учествувале во нашиот оперативен план за активни мерки и програми, остануваат на работа и работат за себе и за своето семејство“ – објаснува директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Стратегијата за отворање 64 илјади нови работни места се реализира. Се објaвува нов оглас кој на активните баратели на работа треба да им овозможи полесно да се вклучат во пазарот на трудот.
Евидентираните невработени добиваат нова можност. Можат да се здружат во групи од тројца, четворица или петмина, да достават бизнис – план, и да добијат пари од државата за почнување на сопствен бизнис, со атрактивна каматна стапка од 1 процент и со една година грејс период.
Ако за работа се организираат тројца евидентирани невработени, секој ќе добие по три илјади евра. Парите треба да ги вратат за три години. Ако бизнисот го прават петмина, носителот ќе добие пет илјади, а останатите четворица по 3 илјади евра. Ако се помлади од 29 години, можат да аплицираат и за финансиска поддршка вредна 23.000 евра.
„Доколку се организираат и започнат бизнис, лица коишто во моментот се невработени, а биле корисници на надомест по основ на технолошки вишок или ликвидација, тогаш добиваат и дополнителна стимулација од 1.000 евра по човек. За дејности од помал обем, ако општите услови налагаат тие да добијат 9.000 евра, доколку се сите стечајци или технолошки вишок, ќе може да добијат 12.000 евра, а за дејности од поголем обем наместо 17.000 евра, може да добијат 22.000 евра“ – објаснува владиниот гласноговорник Александар Ѓорѓиев.
Сепaк, податоците од Државниот завод за статистика се уште се алармантни, особено ако се погледнат бројките кои ја илустрираат невработеноста кај младите. Стапката на невработеност кај луѓето од 15 до 24 години, изнесува високи 54,6 проценти.
Мерки за вработување млади луѓе
Пари има и за микро и малите фирми. Секој правен субјект кој постои најмалку една година, а во последната половина година го нема намалено бројот на работници, може да аплицира за кредит под исклучително поволни услови, со рок на враќање од две години, грејс период од една година и каматна стапка од еден процент. Ако вработи тројца на возраст под 29 години, ќе добие 12.000 евра за трите отворени работни места. Паралено, компаниите од приватниот сектор кои вработуваат млади луѓе, цела година се ослободуваат од плаќање социјални придонеси, со обврска барем уште една година да го задржат на работа ангажираното лице. Есап имаат и младите и фирмите. Првите ќе се вработат, на вторите ќе им се намалат трошоците за околу 37%.
„Од една страна, оваа мерка придонесува млади луѓе да дојдат до вработување, бидејќи со ослободувањето од плаќање социјални придонеси им се намалуваат трошоците на работодавците. Од друга страна, и оние кои работеле на црно, бидејќи социјалните придонеси им претставувале товар на работодавците, сега добиваат шанса за вработување“ – објаснува првиот човек на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков.
Паралелно, во тек се програмите за практикантство на млади невработени лица на возраст до 27 години и за обука кај познат работодавец. Обуките кои траат месеци, треба да резултираат со нив работни места. Практикантите добиваат по 5.000 денари месечно. Ангажираните преку мерката за обука кај познат работодавец со субвенционирано вработување добиваат по 5.700 денари, а компанијата по 4.080. Фирмите имаат обврска да вработат половина од ангажираните лица и да ги задржат на работа најмалку една година.
„Ние сме релативно нова фирма и немаме голем капацитет да вработуваме нови луѓе. Затоа се решивме да ја користиме оваа програма, за обука кај познат работодавач, и таа ни е од голема помош“ – објаснува Глигор Ставров, сопственик на веледрогерија од Скопје.
Годинава само со оваа мерка ќе бидат опфатени 1.000 невработени, а досега преку неа, во изминативе шест години, се вработени 6.600 луѓе.
Се очекуваат нови странски инвестиции за нови работни места
За четиригодишниот мандат, Владата очекува најмалку триесетина нови странски инвестиции кои треба да отворат 10.000 директни работни места. Нивото на СДИ се очекува да се движи од 350 до 430 милиони евра годишно до 2015-та, односно меѓу 490 и 550 милиони евра до 2018-та година, под услов да не се случи нов екстерен шок. Во меѓувреме, активно се работи македонските компании позасилено да се вклучат во процесот на добавување на странските инвеститори, што треба да резултира се отворање на неколку илјади индиректни вработувања.
Невработеноста низ бројки
Според податоците на ДЗС, стапката на невработеност во првиот квартал изнесува 28,4% и е за 1,5% пониска, споредено со истиот период лани. Без работа се 272.115 луѓе. Од нив, 58,8% се мажи, 41,2% се жени. Најголемиот дел од нив, 52,8% се луѓе на возраст од 15 до 24 години. Во првите три месеци, бројот на вработени изнесувал 686.277 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.