Еден од луѓето блиски на Јосип Броз, кој со докази тврдел дека Тито не е човекот за кој се претставува, е неговиот личен лекар Александар Матуновиќ. Тој го лекувал маршалот од 1975 година до 1979 година, а години подоцна напишал „најдениот извештај оди во прилог на сомневањата дека Тито не е Јосип Фрањо Броз од Кумровец, туку дека зад тоа име се крие друга личност“.
Д-р Матуновиќ напишал:
Тито имаше мала акт-чанта. Ми се чини од змиска кожа. Секогаш ја носеше со себе. Содржината на торбичката, освен со клуч беше осигурана и со мало катанче. Во два наврати, влегувајќи во неговата просторија го затекнав како претура по торбичката. Двата пати беше завртен со грб кон вратата, а торбичката му беше во скут. Кога ќе влезев брзо ја затвораше. Делуваше како човек фатен во недозволена работа. По тоа знаев дека во торбичката се наоѓаат значајни работи. По неговата смрт се распрашував кај членовите на комисијата за средување на оставнината што ја најдоа во торбичката. Еден од членовите на комисијата Звонко Костиќ рече дека освен златен накит била најдена и посмртницата на Даворјанка Зденка Пауновиќ од 1 мај 1945 година, извод од матичната книга на венчани со Јованка Будисављевиќ од 1952 година и слика од Русинката Пелагија Белусова, првата сопруга на Тито.
Таму била и копијата од извештајот на австроунгарското министерство за војна од есента 1915 година во кој се наоѓал список на австриски офицери, подофицери и војници кои загинале за време на битката во Галиција. Во списокот се наоѓало и името на капларот Јосип Фрањо Броз, пренесува „Дневно.хр“. Најдениот извештај оди во прилог на сомневањата дека Тито не е Јосип Фрањо Броз од Кумровец и дека зад тоа име се крие друга личност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.