| четврток, 6 декември 2018 |

Медиуми: Малезискиот авион летал 480 км посеверно од вообичаената рута

Малезискиот патнички авион со 298 патници и членови на екипажот кој се урна во четвртокот во источна Украина во близина на границата со Русија, го следел курсот минувајќи 480 километри посеверно од вообичаената маршрута, изјави експертот за цивилно воздухопловство и уредник на британското списание Aviation International News Safety, пилот на комерцијалните авионски линии, Роберт Марк.
Во четвртокот навечер беше потврдено дека авионот од типот „Boeing 777“ на малезиската воздухопловна компанија „Malaysia Airlines“ на летот МН17 кој на 17-ти јули леташе на редовната линија од Амстредам до Куала Лумпур се урна во источна Украина, во областа Донецк која е под контрола на проруските бунтовници и каде што се водат жестоки борбени дејствија на украинската армија. Меѓу сите загинати 298 патници, 85 се деца. Киевските власти за трагедијата ги обвинуваат проруските милиции и Русија, додека овие, пак, вината за падот ја префрлаат на украинската страна.
„Урнатиот авион се движел по курсот на 300 милји (483 километри) посеверно од неговата вообичаена маршрута. Повеќето летови на малезиската воздухопловна компанија од Амстердам за Куала Лумпур обично се извршуваат по маршрутата којашто минува далеку по на југ“, го цитира британскиот весник The Telegraph, воздухопловниот експерт Роберт Марк.
Самата авиокомпанија инсистира дека авионот ја следел договорената маршрута. „Таа маршрута е договорена и ја користат 15 од 16 авиокомпании од здруженијата на азиските авиопревозници. Ова е безбедна маршрута, повеќето земји ја користат. Ние не добивме известување дека е изменета“, изјави претставник на „Malaysia Airlines“.
„Само неколку часови пред несреќата, неколку патнички авиони на разни воздухопловни компании ја користеле истата маршрута. Пилотите на авионот на ’Malaysia Airlines’ на летот MH17 не добиле никакви упатства во последен момент дека треба да ја променат рутата во текот на летот“, изјави во петокот малезискиот министер за сообраќај на Лиов Тионг.
Организацијата за Меѓународно цивилно воздухопловство (ICAO) ја одобрила патеката на споменатиот лет со напомена дека рутата е безбедна, како и дека и околните земји го одобриле прелетот на авионите на другите воздухопловни компании.
„Како пилот, можам да кажам дека доколку бевме испратени по таа маршрута, притоа имајќи го предвид она што се случува последните седмици и месеци на границата меѓу Украина и Русија, јас никогаш не би се согласил со тоа упатство“, вели британскиот воздухопловен експерт.
Марк вели дека го проучувал летот од Амстердам до Куала Лумпур преку онлајн системот за следење на историјата на прелетите FlightAware и забележал дека меѓу другите летови на малезиската компанија, само паднатиот „Boeing 777“ следел невообичаен курс.
„Овој лет одел далеку далеку посеверно над Украина, отколку вообичаените летови на ’Malaysia Airlines’ по таа маршрута, тие се одвивале на 300 милји појужно отколку овој“, вели експертот.
Претходно во петокот малезиските и странски медиуми пишуваа дека авионот летал над областа во којашто траат судирите откако пред три месеца сите меѓународни пилоти биле предупредени за неприфатливоста од користење на оваа маршрута, и потсетуваат дека уште во април воздухопловните власти на САД и на Европската унија соопштија за опасноста на летовите над источна Украина.
Од друга страна, друг британски воздухопловен експерт, поранешниот директор на службата за безбедност во компанијата BAA, која е оператор на неколку британски аеродроми, Норман Шенкс, сугерира дека во „Malaysia Airlines“ можеле да се решат за измена во маршрутата поради заштеда.
„’Malaysia Airlines’, како и многу други авиопревозници, продолжија да ја користат таа маршрута (над источна Украина), бидејќи таа е покуса, а тоа значи и намалување на потрошувачка на горивото и помали трошоци“, вели Шенкс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top