Петар Арсовски, долгогодишен директен ПР стратег и изработувач на кампањите на СДСМ и аналитичар кој ги брани политиките на опозицијата, во скандалозна колумна објавена во Утрински весник пишува дека Македонците се „затупавени“ и радикално заостанати и смета дека забраната на геј-браковите е погрешна и цивилизациски неточна, а истополовите врски би требало да ги уживаат бенефитите од бракот како граѓанска заедница.
Коментирајќи ги измените во Уставот, со кои е отворена вратата за забранa на истополови бракови, Арсовски пишува дека “една од поголемите травестии на подоцнежната политичка сцена во Македонија е проѕирниот и перверзен обид за добивање евтини популистички поени преку воведување уставна пречка за легализација на истополните бракови и граѓански заедници“.
-Забораваме дека додека ние мислиме дека се удираме по гради со традиционални вредности, на светот му праќаме порака дека сме всушност, радикално заостанати и „затупавени“. Истополовите врски би требало да ги уживаат бенефитите од бракот како граѓанска заедница, што нема „благе везе“ со традиционални вредности. Концептот на традиционален брак мора да се менува како што се менува и еволуира општеството. Традиционалниот брак во оваа смисла можеби е време да претрпи нова редефиниција, пишува Арсовски во колумната „Тато и тато“.
Тој смета дека забраната на истополните бракови ги стигматизира луѓето со различна сексуална ориентација и праќа општа порака дека е во ред тие да бидат дискриминирани. На крајот, забраната на геј-браковите е погрешна и цивилизациски неточна, заклучува Арсовски.
Останува отворено прашање дали СДСМ ќе се огради од ставовите на Арсовски, еден од аналитичарите блиски до партијата и дали станува јасна агендата на СДСМ за хомосексуални „бракови“ и за нивно посвојување деца? Како и во другите земји, ваквите најави во првите години не доаѓаат од врвот на партијата, но јасна е определбата дел од активистите на СДСМ да ги уништат семејните вредности и бракот меѓу маж и жена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.